За да се заштитат од дивите свињи кои во изминатиот период им ги пустошеле нивите, жителите на штипското село Лакавица и на останатите места во овој крај се досетиле од штетниот дивеч да се заштитат со омекнувач за алишта. Тие сметаат дека дивите свињи имаат одлично чувство за мирис и воопшто не ја поднесуваат миризбата на омекнувачот и така оддалеку бегаат од нивите. Пред да применат ваква заштитна мерка, дивите свињи за неколку дена изеле над пет тони тиква, пченка, зелка, спанаќ и друг род.
„Околу нивите, на неколку места ставивме омекнувач и дивите свињи веќе неколку дена ги нема. Претходно пробавме со транзистори и гласна музика, но и тоа не помогна. За една ноќ, дивите свињи изедоа два тона тиква и уништија цела нива со мумуруска. На соседот му ги изедоа зелките и спанаќот до корен“, вели земјоделецот од селото Лакавица, Митре Младенов.
Тој и останатите земјоделци кои претрпеле штети од штетен дивеч се интересирале во подрачната единица на Министерството за земјоделие за евентуално обештетување, но им било кажано дека од диви свињи и од волци не се признаваат штетите, само од мечки, за што веќе имало неколку случаи на обештетување.
Сега, земјоделците од Штипско бараат измени во Законот, за да има хајки на штетен дивеч. Ловот на дивите свињи е забранет од февруари до 11 октомври. За секој отстрелан примерок штетен дивеч, законот предвидува казна од 3.000 евра за физичко, до 10.000 евра за правно лице.
Т. ЈОВАНОВСКИ