ДИВИ СВИЊИ ВО ШТИПСКО ЗА ЕДНА НОЌ ИЗЕЛЕ ЦЕЛА НИВА СО ПЧЕНКА И 1 ТОН ТИКВИ – БАНАНА

    ДИВИ СВИЊИ ВО ШТИПСКО ЗА ЕДНА НОЌ ИЗЕЛЕ ЦЕЛА НИВА СО ПЧЕНКА И 1 ТОН ТИКВИ – БАНАНАНа Митре Младенов земјоделството му е единствената егзистенција. Годинава очекува род од 10 тони тикви, но родот сега е преполовен. Од 5 декари нива останале само три тикви па ги донел на пазар во Штип. - (Фото: Т. Јовановски)

    Жителите од лакавичките села во Општината Штип се жалат на големите штети што последните денови ги прават дивите свињи.  Пред два дена од нивата на земјоделецот Митре Младенов изеле над 1.000 килограми тикви и опустошиле нива од неколку декари засадена со пченка.

    „Дивите свињи јадат се пред себе. Јадат зелки, ја соголија нивата од неколку декари со мумуруска, а посебен мерак фрлиле на тиквата –банана. Тоа го прават навечер, затоа што преку ден спијат или се ладат по вировите на реката Лакавица. Иако дежураме, не можеме да ги видиме. Само трагите кажуваат дека се диви свињи. Толку род да се изеде за една или две ноќи мора да се работи за повеќе диви свињи“,  вели Младенов.

    Тој пробал разни начини на заштита, но не успеал. Во нивата го пуштил најгласна музика од транзисторот, но ни музиката не ги спречила свињите да му ги јадат тиквите.

    За ова ги информирал луѓето кои работат за концесионерот на ловиштето но до 11 октомври важи забрана за лов.

    „Не знам дали овој концесионер има дозвола за лов и за крупен дивеч или само за прелетен. Ако некој има штета треба да бара обешетување од соодветните министерства. Концесионерот и да стопанисува со дивечот не смее да прави никаква хајка затоа што од февруари до 11 октомври важи ловостојот. Само една дива свиња да се отепа бесправно за правното лице казната е 10.000 евра, а за физичко лице 3000 евра. Законот предвидува казна и за некој што на диво ќе купи дивеч. Со налог може да се изврши увид и во домашниот фрижидер. Земјоделците кои имаат штети од дивечот мора да си покренат постапка кај министерствата задолжени за тоа“, вели ловочуварот во селото Лакавица, Слободан Стаменов.

    Земјоделците од штипските села во лакавичкиот крај пред пет години имаа големи штети предизвикани од мароканските скакулци, а еве сега и од дивите свињи. Најавуваат дека ќе бараат заштита од државата и обешетување за досега претрпените штети и измени во законот за дивеч за да се овозможи хајки и на крупен дивеч кој прави штети во земјоделството.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира