Американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли вчера во Прилеп изјави дека Преспанскиот договор со Грција е резултат на тежок компромис кој на Македонија ѝ гарантира безбедност и зачувување на македонскиот идентитет и македонскиот јазик.
При посетата на една приватна фирма што се развила како успешен семеен бизнис, каде што се сретна со млади луѓе, како што пренесува државната агенција МИА Бејли рекол дека пред сѐ, важно е граѓаните да се запознаат со содржината на Договорот и да донесат сопствена одлука пред да излезат да гласаат на референдумот на 30 септември.
„Ние како САД, сакаме да ја видиме Македонија, да стане 30-та членка на НАТО како Северна Македонија. Тоа ќе придонесе кон стабилност и безбедност. Вашите соседи ќе бидат ваши обврзани сојузници, обврзани кон вашата независност и суверенитет. Тоа ќе ги отвори вратите за поголемо и побезбедно бизнис инвестирање во вашата земја. Сметам дека вреди да се инвестира во посветла иднина“, рече Бејли.
Потсетувајќи дека САД се партнер на Македонија веќе 25 години и сакаат Македонија да се придружи на НАТО и ЕУ Бејли рече: „Мислиме дека Преспанскиот договор, иако е тежок, претставува фер компромис, кој го отвара патот кон таа светла иднина. Ова е тешка одлука, бидејќи, како што споменав, вклучува тежок компромис. Но, мислам дека кога луѓето ќе размислат и погледнат во суштината, ќе сфатат дека таа придонесува кон зачувување на македонскиот идентитет и кон зачувување на македонскиот јазик“, изјави американскот амбасадор во Македонија Џес Бејли.
.