Тргнаа вчера, а на целта треба да стигнат утре.
Петмина македонски тркачи ќе се обидат да го совладаат 171 километри долгиот ултрамаратон УТМБ, што традиционално се одржува на Мон Блан и нивниот голем противник е и времето, бидејќи е ограничено.
Македонија оваа година ја претставува избран тим од екипата на Трекс: Игор Пирковски, Никола Цицоски, Жикица Ивановски, Игор Јовановски и Александар Симјановски и тие на располагање имаат 46,5 часа за да ја завршат трката.
Стартот на трката, за која се пријавени околу 2.500 учесници, беше вчера, во 18 часот.
УТМБ е трка на издржливост со која се обиколува целиот масив Мон Блан, при што се поминува низ три држави, од Шамони во Франција, преку Кормаер во Италија и Шампе Лак во Швајцарија, па назад во Франција. За да не биде ова обично трчање, тоа е усложнето со 10.000 метри висинско искачување и спуштање.
Апсолутниот рекорд е во сопственост на Французинот Франсоа Деан од 20:11:44 часови.
Жикица Ивановски го држи македонскиот рекорд на оваа трка, во 2014, со време од 31 час и 46 минути, а неговата сопруга Светлана Стојаноска истата година беше првата Македонка што го заврши УТМБ, за 44,59 часа, додека Јовица Јованчев ја заврши за 32,46 часа.
Г. КОНЕВ