Со одлука на Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур, во рок од три месеци Република Македонија е должна на 19-мина акционери од Радовиш да им исплати обесштетување во вкупен износ од 31.000 евра.
Станува збор за акционери на АД „Исхрана“, поранешна пекара од Радовиш кои според одлуката од Стразбур за правична сатисфакција и судење во неразумен рок треба да добијат по 1.630 евра, побарување кое во македонските судови се провлекува уште од 2006 година.
Првично, оштетените преку правните застапници Љупче и Панче Докузови од Штип поднеле кривична пријава против сопственикот на АД „Исхрана“ (Тошо Поцков) за што Основното јавно обвинителство од Радовиш оформило обвинителен акт за лажен стечај.
Основниот суд во Радовиш повеќе пати донесувал ослободителна пресуда, но дури на 26 јуни 2014 година го огласил обвинетиот за виновен дека сторил лажен стечај и донел алтернативна мерка условна казна. ОЈО од Радовиш и акционерите поднеле нова жалба, но Апелациониот суд во Штип оценил дека побарувањето е застарено.
Акционерите преку адвокатите Докузови ја продолжиле постапката за судење во разумен рок пред Врховниот суд на Македонија кој сметал дека побарувањата се неосновани. На нивна жалба пет члениот Совет на Врховниот суд одлучил дека е повредена европската конвенција и досудил обесштетување од само 66.000 денари за сите 19 акционери.
На крајот, акционерите незадоволни и од оваа пресуда аплицирале пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур кој ја задолжил РМ во рок од 90 дена на оштетените да им исплати вкупно 31.000 евра или секој да биде обесштетен со 1.630 евра.
Т. ЈОВАНОВСКИ