Струмички ,,Комуналец’’ набави машина за дробење на дрвна отпадна маса и ќе создава суровина, која ќе биде продавана на економски оператори кои произведуваат пелети за гревање. Директорот на „Комуналец“ Зоран Ѓеоргиев вели дека секоја година при режење на дрворедите во општината и јавните зелени површини во градот се создаваат огромни количини на отпадна дрвна маса, која непотребно завршува на депониите.
За да се заштити животната средина, но и максимално да се искористи дрвната маса како енергенс, тој вели дека одлучиле да набават машина за дробење.
Викендов екипи на ова претпријатие ги отстранија сите непотребни гранки од дрворедите кон градските гробишта и ги дробеа во струготини за производство на пелети. Машината ќе се користи при секое режење на дрворедите во градот или кога „Комуналец“ ќе биде ангажиран за отстранување суви гранки од јавни зелени површини и пред стамбените комплекси.
„Наша цел е суровината што ќе ја добиваме со дробењето на отпадната дрвна маса да ја користиме за потхранување на јавните зелени површини, а паралелно во преговори сме со повеќе компании за остатокот да им го продадеме за производство на палети. На ниво на Македонија останува неискористена околу 40 илјади метри кубни дрвна отпадна маса, што од шумските стопанства што од комуналните претпријатија“, кажа Ѓеоргиев.
Екологистите велат дека вакви машини мора да имаат и подружниците на ЈП „Македонски шуми“, бидејќи при сеча на огревно дрво оставаат огромни количини отпадна дрвна маса, која стои неискористена и преставува опасност за појава на шумски пожари.
В. ТРАЈКОВ