Претседателката на Судечкиот совет Добрила Кацарска останува судијка во предметот за организираниот напад во Собранието на 27 април 2017. Кривичниот суд донесе решение дека барањето на одбраната за нејзино изземање се одбива оти во постапката не се јавуваат оштетени лица, туку сите лица се јавуваат како сведоци.
Судењето, во кое од 33-ца се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, продолжи со давање исказ на пратеникот Ферид Мухиќ. Тој кажа дека за време на нападот во прес-салата бил горе во галеријата и дошол пред завршување на прес-конференцијата на Талат Џафери и Зоран Заев. Мухиќ вели дека физички не бил нападнат, иако еден од напаѓачите го гаѓал со пластична ногарка.
„Се обидувавме пратеничките од галеријата да ги симнеме во прес-салата, долу се ставаа маси за да можат да се симнат, бидејќи таму би требало да биде побезбедно. Но, толпата влезе во прес-салата и ги расфрла масите. За брзо време слушнав дека се качуваат по скалите и разговаравме како најубаво да ги пречекаме. Дали на скалите каде што можат да се кажуваат само по двајца да се обидеме да ги смириме, но неколку млади пратеници не се сложија и останаа да ја чуваат вратата. Првиот што влезе беше атлета, се погледнавме во очите, му се гледаше омраза, а во раката имаше пластичен дел од ногарка и фрли по мене. Јас ја мрднав главата и ме промаши“, сведочеше Мухиќ на денешното рочиште на судењето.
Потоа тој се симнал од галеријата, а масата не го забележила и останал скриен со неколку пратеници во галеријата на салата 4. Како што сведочеше, од она што слушал во разговорите меѓу напаѓачите, Мухиќ добил впечаток дека наредбите стигнуваат од еден команден центар.
„Изгледаше како да има команден центар. Некој даваше команди, а другите прецизно ги извршуваа. Слушнав како еден човек му вика на друг: ’Што стана со Села?“. Другиот му одговори: ’Села е готов, а за останатите ќе видиме‘. Потоа слушнав како комуницираат повеќе лица, а одговорите беа прецизни и заклучив дека командите се даваат од еден команден центар. Слушнав глас: ’Излегуваат Шиптарите, доаѓаат со оружје‘, а други му одговара: ’Не брзај, провери. Ако е точно тоа, дај им оружје на другите‘“, сведочеше Мухиќ и додаде дека при евакуацијата, пратениците Албанци им кажале дека дел од Албанците се организирале со оружје преку Вардар, но дека тие ги спречиле.
Пред Мухиќ сведочеше вработениот во Собранието Сашко Коцевски, а следни се поранешниот пратеник Курто Дудуш, сега градоначалник на Шуто Оризари, па новинарката Душица Мрѓа. Двајцата ќе сведочат в петок, бидејќи судијката Кацарска попладнево го прекина судењето поради влошената здравствена состојба на обвинетиот Мунир Пепиќ.
Г. ТРПЕНОСКИ