ЌЕ ЈА ПРОШЕТАМЕ ПУБЛИКАТА НИЗ СОНОТ НА ФИЛМОТ- ЈАНИЌИЈЕВИЌ ГО РЕЖИРА ГАЛА ОТВОРАЊЕТО НА „БРАЌА МАНАКИ“

    ЌЕ ЈА ПРОШЕТАМЕ ПУБЛИКАТА НИЗ СОНОТ НА ФИЛМОТ- ЈАНИЌИЈЕВИЌ ГО РЕЖИРА ГАЛА ОТВОРАЊЕТО НА „БРАЌА МАНАКИ“„Низ едноставен, минималистички пристап сакаме да ја растуриме и одново создадеме сложувалката на филмската магија. Да ѝ се насмееме и расплачеме на онаа уметност што нѐ смее и расплакува“, вели режисерот Јаниќијевиќ (Фото: Архива на Македонски народен театар)

    Македонскиот режисер Срѓан Јаниќијевиќ работи на перформансот за гала отворањето на 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, в саботa во Центарот за култура во Битола. Во перформансот ќе учествуваат актерката Јелена Јованова и балерината Ивана Коцевска, пијанистката Дуња Иванова, поетот Јовица Ивановски. Музиката е на Надежда Рубен, аранжманот на Андреја Наунов, костимите на модната дизајнерка Лидија Георгиева, а светлото на Илија Тарчуговски.

    Објаснуваќи го концептот за настанот, Јаниќијевиќ ги поставува прашањата: „Што е филм? Сон, огледало во кое се огледува нашата есенција или забава? Најорганизираниот бизнис кој го создаваат лудаци?“

    „Тука во Битола, кога една империја била во пелени, а друга на смртна постела, двајца браќа купуваат машина што произведува магија. Машина што ја зграпчува стварноста. Шаховска игра со жива војска. Снимено лудило на дементен ѕвер. И еве нѐ сега тука на фестивал посветен на тие луцидни браќа. И како што вели Кјубрик: ‘Филмот е – или треба да биде – повеќе како музика отколку како фикција, прогресија на атмосфери и чувства. Темата, што е позади емоцијата, смислата, сето тоа доаѓа подоцна’. Така и ние, низ едноставен, минималистички пристап сакаме да ве прошетаме низ сонот на филмот, низ чувствата што што сме ги поминале, и оние кои допрва ќе следат. Да ја растуриме и одново создадеме сложувалката на филмската магија. Да ѝ се насмееме и расплачеме на онаа уметност што нѐ смее и расплакува“, вели режисерот.

    По свеченото отварање, премиерно ќе биде прикажан краткиот филм „Љубовникот“ на режисерот Игор Иванов-Изи, а веднаш потоа, во чест на годинешниот лауреат на Златна Камера 300, оскаровецот Роџер Дикинс, ќе биде прикажан филмот „Истребувач 2049“.

    На отворањето, на македонската филмска и театарска актерка Милица Стојанова ќе ѝ биде врачена наградата Голема ѕвезда, што ја доделува Друштвото на филмски професионалци на Македонија (ДФРМ).

    Мотото на годинашното издание е „Симнуваме капа“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира