И годинава на свеченото отворање на фестивалот „Браќа Манаки” во Битола се повтори истата пракса како и претходните години. По сликањето на црвениот тепих и церемонијалниот дел на доделување на наградите, дел од публиката ја напушти салата на Центарот за култура во Битола.
Иако громогласно му аплаудираа на оскаровецот Роџер Дикинс кога му беше врачена наградата, му застануваа на патот и му честитаа, петнаесет минути подоцна не беа расположени да го проследат неговиот филм „Истребувач 2049″ што беше филм за отворање на Фестивалот. Откако водителката соопшти дека дека филмот ќе трае 165 минути, поточно 2 часа и 45 минути, половина сала замина. Внатре останаа само верните филмофили.
Меѓу публиката што замина беа и политичарите. Во салата не можевме да ги забележиме министрите и други политичари.
Во салата остана градоначалничката на Битола Наташа Петровска да го гледа филмот, заедно со раководството на фестивалот Гена Теодосиевска и Благоја Куновски – Доре и лауреатот Роџер Дикинс.
По церемонијата заминаа и наградените актерки Клаудија Кардинале и актерката Милица Стојанова, со оглед на годините.
Ж. ЗДРАВКОВСКА