СТЕЧАЈЦИТЕ ЌЕ ГО ПОДДРЖАТ РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ИМЕТО

    СТЕЧАЈЦИТЕ ЌЕ ГО ПОДДРЖАТ РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ИМЕТОПретседателката на здружението УНИТ Љиљана Георгиевска, вели дека ставот е заеднички и го поддржале раководствата во сите градови, како и сите стечајци од државата независно дали се обештетени или чекаат обештетување, а се работи за над 40.000 семејства (Фото: СДК.МК)

    Стечајните работници ќе го поддржат референдумот за договорот со Грција и членство во ЕУ и НАТО, затоа што сметаат дека тоа дава перспектива за младите генерации и за државата. Претседателката на здружението УНИТ Љиљана Георгиевска, вели дека ставот е заеднички и го поддржале раководствата во сите градови, како и сите стечајци од државата независно дали се обештетени или чекаат обештетување, а се работи за над 40.000 семејства.

    „Одлуката не е поради СДСМ, ниту поради Зоран Заев, туку поради тоа што сакаме во иднина да не се повтори нашата судбина. Се надеваме дека ќе биде подобро и младите ќе имаат подобар живот, да не се мачат како нас и да талкаат по улиците барајќи ги своите права“, рече Георгиевска.

    Таа додава дека нивното здружение ќе продолжи со својата работа и ќе се бори за правата на стечајните работници сè додека не се згрижи и последниот стечаец.

    Досега правото на надомест го оствариле 6.500 стечајци од кои 600 се од Куманово. Во постапка се документите на уште 1.600 стечајци, кои се очекува да ги исполнат условите предвидени со дополна на законот.

    Граѓаните од земјава и дијаспората на 30 септември ќе треба да одговорат на рефендумското прашање, кое ќе гласи „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“. Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира