На половина месец пред почетокот на грејната сезона дел од битолските пензионери уште не го добиле огревното дрво, иако на време го исплатиле на рати преку Здружението на пензионери од Битола. Секојдневно, битолски пензионери се јавуваат по телефон или чукаат по вратите од канцелариите на Здружението за да дознаат уште колку ќе чекаат за дрва, со оглед на тоа дека есента почна и температурите паднаа.
„Двајцата со сопругот сме болни луѓе и живееме сами. Од почетокот на септември се јавуваме да ни ги пратат дрвата за кои од Здружението нѐ имаа притиснато сите рати да ги исплатиме до јуни, сега кога дојде време за достава, нема точен одговор кога ќе ги добиеме. Пред две недели ни рекоа дека сме на четвртиот список, а ги имало пет и дека до крајот на минатата недела ќе ни ги доставеле. Но, ете и оваа минува, а абер се нема“, велат Ана и Пецо Стојановски.
Пред два дена дојде до промена на раководството во Здружението на пензионери, па на местото на досегашниот претседател Томе Илиоски, татко на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски, дојде Томе Димитровски, кој пред повеќе години беше директор на Агенцијата за вработување.
Од новото раководство велат дека проблемите со застојот во доставата на огревното дрво се наследени. Но, преземаат мерки огревното дрво да стигне до пензионерите до почетокот на грејната сезона.
„Во овие два дена откако сум назначен за претседател, постојано доаѓаат пензионери и прашуваат зошто досега не го добиле огревното дрво. Колку што сум запознат од претходниот претседател, имало проблем со одрeдени фимри кои што вршат превоз на огревното дрво за пензионерите , но истот така имало проблем и со сечата. Но, списоците се направени, а во изминатите неколку дена почнала доставата на огревно дрво, така што ќе се реализира оваа обврска според списокот кој што е изготвен, а заложба на ова раководсто е доставата да заврши на време, односно до почетокот на грејната сезона“, изјави новиот претседател на Здружението на пензионери Томе Димитровски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА