ПЕТ БОЛНИЦИ ДОБИЈА СЕРТИФИКАТ ЗА КВАЛИТЕТ

    ПЕТ БОЛНИЦИ ДОБИЈА СЕРТИФИКАТ ЗА КВАЛИТЕТДел од јавните здравствени установи добија тригодишни сертификат, а дел се акредитирани на една година. (Фото:фејсбук)

    Детска клиника, Клиниката за ендокринологија и Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле денес добија тригодишни сертификати за квалитет, а општата болница во Охрид и Клиниката за нефрологија добија едногодишна акредитација.

    Директорот на Агенција за квалитет и акредитација на здравствено установи Анте Поповски рече дека дел од здравствените установи за прв пат добиваат ваков сертификат, а дека на другите кои и претходно имале сега акредитацијата им е издадена на три години.

    „Имаме подобрување и акредитација стекната на една година, сега имаме установи кои се акредитирани на три години, каде има реална апликација на внатрешните процеси, реално подобрување во техничка и во организациска смисла кое најмногу ќе го почувствуваат пациентите“, рече Поповски.

    Тој кажа дека оценувањето на клиниките и болниците за да ги добијат сертификатите е правено во неколку поглавја, пред сè од организациски аспект на работата, управување со човечки ресурси, управување со информациите, работата на сите оддели, работата на лабораториската единица.

    Според министерот за здравство Венко Филипче на акредитацијата на здравствените установи ќе се работи со поголем интензитет за да се унифицира процесот на давање здравствени услуги. Тој кажа дека паралелно работат и на утврдување на листата на услуги што ќе ги даваат јавните здравствени установи, според бројот на лекари, нивното знаење и опремата што ја поседуваат.

    Акредитацијата на здравствените установи почна во 2016 година, и досега вакви сертификати имаат добиено Геронтолошкиот завод „13 Ноември“, приватната здравствена установа „Плодност“ од Битола, а приватните болници „Систина“ и „Жан Митрев Клиникa“ имаат сертификат за квалитет од меѓународни институции кои се верификувани од Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира