Клиниката за хематологија по два месеци пауза денес за пациенти ја отвори амбулантата, или специјалистичко-консултативниот оддел кој е целосно реновиран. Амбулантата на хематологија е сместена во барака изградена во 60-тите години, а со реновирањето кое траеше два месеци комплетно се сменети кровот, водоводната и електричната инсталација и внатрешно е уредена со нов мебел.
Директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска Ставридис вели дека реновирањето ја чинело клиниката околу 4 милиони денари.
„Амбулантата буквално се распаѓаше, бидејќи откако е изградена бараката, која е шведска донација, воопшто не беше обновена. Сега имаме подобри услови и за работа и за пациентите, каде освен врвна медицинска услуга ќе имаат чувство за достоинство и удобност“, вели Пановска Ставридис.