Европското првенство ќе биде откажано ако се случи терористички напад, тврди висок француски функционер за антитероризам.
Во Франција се очекуваат милиони странски навивачи и тоа ќе биде голем предизвик за и онака преоптоварените безбедносни служби. Француските власти се плашат дека дури и мал терористички напад може да значи крај на фудбалскиот турнир, кој почнува утре и ќе трае до 10 јули.
„Ако има загинати, едноставно е, три четвртини од фудбалските репрезентации ќе ја напуштат Франција. А ако Даеш (алтернативна кратенка за Исламска држава) преземе одговорност и вети нови напади, сите ќе си заминат. Во секој случај, како може да се продолжи со фудбалската забава додека се закопуваат жртвите?“, изјави за АФП висок функционер за антитероризам, кој сакаше да остане анонимен.
И покрај тоа што презедоа досега невидени мерки за безбедност за ЕП 2016, француските власти се длабоко загрижени околу способноста на џихадистите да извршат напади на т.н. „меки“ цели.
Франција мобилизираше околу 90.000 припадници на безбедносните сили и приватно обезбедување за да спречи какви било инциденти во десетта града домаќини на турнирот.