ЗА ПРИТИСОК СО СЛИКАЊЕ ГЛАСАЧИ, НАСИЛНИЦИТЕ МОЖАТ ДА ЗАГЛАВАТ ВО ЗАТВОР ДО 5 ГОДИНИ

    ЗА ПРИТИСОК СО СЛИКАЊЕ ГЛАСАЧИ, НАСИЛНИЦИТЕ МОЖАТ ДА ЗАГЛАВАТ ВО ЗАТВОР ДО 5 ГОДИНИМинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги повика граѓаните да пријават на бројот 192 доколку забележат дека се неовластено снимани при гласањето на референдумот, a Јавното обвнителство соопшти дека таквите дејствија ќе бидат предмет на приоритетно постапување. - Од гласањето на последните локални избори (Фото: СДК.МК)

    Секое сликање или снимање на гласачите при остварување на нивното право, како и објавување на фотографии на гласачи претставува попречување на правото на гласање и е забрането со закон, потсети вчера Јавното обвинителство. Оттаму велат дека таквите дејствија преземени во текот на процесот на гласање на денешниот рефрендум за името, ќе бидат предмет на приоритетно постапување на јавното обвинителство.

    Обвинителството повика на е-поштата [email protected] граѓаните, партиите, набљудувачите, па и странските претставници во за време на денешниот референдум да се пријават сите кривични дела во врска со кршење на гласачките права.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги повика граѓаните да пријават на бројот 192 доколку забележат дека се неовластено снимани при гласањето на референдумот. Тој апелираше доколку граѓаните забележат дека фотографија од нив се појави на социјалните мрежи да го пријават тоа на адресата [email protected].

    Кривичните дела против изборите и гласањето, вклучувајќи ги и референдумите, се уредени со посебна глава во Кривичниот законик и за нив следуваат затворски казни.

    Во случај на повреда на слободата на определување на избирачите, дело опишано во член 160 од Кривичниот законик, предвидена е казна затвор до една година, ако со употреба на сила, сериозна закана, измама или на друг начин се присилува или се спречува друг да го врши, да не го врши или да го врши избирачкото право во определена смисла.

    За повреда на тајноста на гласањето, според член 163, предвидена е затворска казна до шест месеци. Ако делото го стори член на избирачки одбор, изборна комисија, одбор за спроведување референдум или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, предвидена е казна затвор до три години.

    Најстрога е казната за делото спречување избори и гласање. Според член 158, предвидена е казна затвор од шест месеци до пет години, ако со употреба на сила, сериозна закана или на друг начин се оневозможува или спречува одржување избори или гласање или се оневозможува или спречува утврдувањето или објавувањето на резултатите од гласањето.

    Граѓаните од земјава и дијаспората денеска на референдумот ќе треба да одговорат на референдумското прашање „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“. Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира