УНИЦЕФ ГИ ПОВИКА МЛАДИТЕ ДА УЧЕСТВУВААТ СО СВОИ РЕШЕНИЈА ВО ПРЕДИЗВИКОТ #КРАЈНАНАСИЛСТВОТО ВРЗ И МЕЃУ ДЕЦАТА

    УНИЦЕФ ГИ ПОВИКА МЛАДИТЕ ДА УЧЕСТВУВААТ СО СВОИ РЕШЕНИЈА ВО ПРЕДИЗВИКОТ #КРАЈНАНАСИЛСТВОТО ВРЗ И МЕЃУ ДЕЦАТАСо овој предизвик треба да се најдат решенија за тоа како да се обезбеди систем за поддршка на децата, како да се намали насилството преку интернет и во јавните простори и училиштата. (Фото: СДК.МК)

    Младите иноватори од целата земја од денес можат со свои решенија против насилство, вклучувајќи го и врсничкото насилство и насилството преку интернет и да се вклучат во иницијативата „Младински предизвик“, која ја спроведуваат УНИЦЕФ и Лабораторијата СмартАп Иновации.

    Младинскиот предизвик е дел од новата глобална иницијатива за вклучување на сите млади во образованието, обука или вработување до 2030 година „ Генерација без граници“.

    Младинскиот предизвик годинава се одржува во 16 земји низ светот, а УНИЦЕФ ги повика младите да се пријават со решенија со кои ќе се поддржат трите главни столба на иницијативата Генерација без граници: средно образование, вештини за учење, вработливост и пристојна работа и оспособување и јакнење.

    „Во нашата земја, фокусот ќе биде на решенија за #КрајНаНасилството врз децата и меѓу децата“, велат од УНИЦЕФ.

    Според податоците од УНИЦЕФ во светот околу милијарда деца доживуваат некаква форма на насилство, а на половина од тинејџерите им се случува насилство од врсниците во и околу училиштето.

    „Ова не е поинаку ниту во нашата земја, каде половина од децата на возраст од 2 до 14 години доживуваат физичко казнување во домот и каде 8 од 10 родители велат дека користат насилни методи како што се психолошко или физичко казнување за воспитување на децата. Насилството меѓу врсниците се случува секојдневно, дури 42 отсто од машките и девојчињата на возраст од тринаесет до петнаесет години изјавиле дека биле малтретирани на училиште или дека биле вклучени во физичка пресметка. Насилство се случува и на интернет, каде сторителите остануваат анонимни, но последиците се разорни“, велат од УНИЦЕФ.

    Од УНИЦЕФ велат дека со Младинскиот предизвик идејата е да се дадат решенија за тоа како може да создадеме систем на поддршка, платформи и поврзување со други млади кои би послужиле како добри примери за жртвите, за да можат полесно да пријават и да побараат помош од стручните лица и врсниците.

    „Потоа како може да го намалиме насилството меѓу младите преку интернет, во и околу училиштата, како и во јавните простори и јавниот превоз? Како може да ја промениме перцепцијата и ставовите кај возрасните, односно родителите и наставниците на целисходно ангажирање на адолесцентите и младите во местото каде што живеат?“, велат од УНИЦЕФ.

    Успешните кандидати ќе бидат поканети да учествуваат на работилница во Скопје, од 16 до 18 ноември на која ќе се разработат идеите.

    „По работилниците, ќе бидат избрани пет најнадежни идеи за кои ќе се доделат до 1.000 УСД финансиски средства и ќе се обезбеди менторство и поддршка при спроведување на проектите. На пролет во 2019 година избраните проекти од секоја земја ќе влезат во рамките на глобален конкурс. Овие проекти ќе добијат дополнителни 20.000 долари инвестиции, заедно со прилагодена менторска програма од партнерите на Генерација без граници како поддршка кон нивно проширување.

    Оваа светската иницијатива Генерација без граници, почна како настан на високо ниво за време на 73-та седница на Генералното собрание на Обединетите нации, за да може секој млад човек да се вклучи во квалитетно образование, обука или вработување до 2030 година.

    „Младите се често најдобрите пронаоѓачи, креатори и иноватори. Се надеваме дека овој предизвик ќе инспирира неверојатни идеи од земјава со кои ќе се придонесе кон глобалната иницијатива за решавање на некои од најгорливите предизвици со кои се соочуваат младите денес“, рече Елспет Ериксон, заменик-претставник на УНИЦЕФ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира