Четири малолетни ученици од основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во скопската населба Аеродром во петокот фрлиле своја соученичка низ прозор.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека случајот во полициската станица во Аеродром бил пријавен денес во 7.50 часот од лицето Е.Ц. (50).
„Лицето пријавило дека на 28 септември во периодот од 10.30 до 11 часот во основното училиште Ѓорѓија Пулевски во Скопје за време на малиот одмор, четири малолетни ученици ја фатиле за раце и нозе својата 14 годишна соученичка, го отвориле прозорецот од училницата на приземје и ја фрлиле на земја. Девојчето се здобило со телесни повреди. Родителите на малолетниците кои го извршиле нападот се повикани во полициска станица и се преземаат соодветни мерки и активности за целосно расчистување на случајот“, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
Од Министерството за образование и наука соопштија дека се запознаени со случајот и дека во текот на денот ќе излезат со информација што е преземено и какви мерки понатаму ќе преземат.
Томе Спировски, директор на Државниот просветен инспекторат, вели дека случајот кај нив бил пријавен од таткото на девојчето уште во петокот, по што веднаш извршиле инспекциски надзор.
„Записникот од инспекторот што беше на терен сè уште не е готов, односно не можам да кажам дали е утврдена одговорност кај вработените од аспект на тоа дали не се преземени соодветни безбедносни мерки. Кога ќе биде готов извештајот ќе излеземе со информација што е утврдено и какви мерки ќе преземеме“, вели Спировски.
Е. БОЧВАРОСКА