ГОЈКОВИЌ И АНТОВ, КОИ ГИ ИГРАА ЛЕНЧЕ И БОШКО ВО „БЕГАЛКА“ ПРЕД 47 ГОДИНИ, НАГРАДЕНИ НА ОТВОРАЊЕТО НА „ДЕНОВИ НА КОМЕДИЈА“

    ГОЈКОВИЌ И АНТОВ, КОИ ГИ ИГРАА ЛЕНЧЕ И БОШКО ВО „БЕГАЛКА“ ПРЕД 47 ГОДИНИ, НАГРАДЕНИ НА ОТВОРАЊЕТО НА „ДЕНОВИ НА КОМЕДИЈА“Актерите Љубица Гојковиќ и Ѓорѓи Антов на синоќешното отворање на фестивалот „Денови на комедија“/ Сцена од култната претстава „Бегалка“ од Васил Иљоски (Фото: СДК.МК/МТВ )

    Актерите Љубица Гојковиќ (73) и Ѓорѓи Антов (72), кои во 1971 година во Кумановскиот театар ги играа ликовите на Ленче и Бошко во култната претстава „Бегалка“ од Васил Иљоски, се лауреати на годинашното издание на фестивалот „Денови на комедија“, кој почна синоќа во Куманово.

    Признанијата им беа доделени поради исклучителен и посебен придонес за развој на театарската уметност во Куманово, а по повод 90 години од првата изведба на драмата „Бегалка“ на македонски јазик во 1928 година во Кралскиот театар во Скопје.

    Актерката Гојковиќ рече дека благодарение на подршката на публиката од Куманово и на целата држава, претставата толку долго време се играла на репертоар (Фото: СДК.МК)

    Двајцата актери, со многу емоции ги примија признанијата, и се потсетија на времето кога тие ја изграле првата претстава во Кумановскиот театар.

    „Беше тоа пред 47 години, на 16 октомври 1971 година, еден преубав есенски ден. Во Народниот театар имаше премиера на претставата ’Ленче кумановче’. Започнува дејствието на љубовта олицетворена преку Бог, но на љубовта и се спротивставува Ѓаволот како олицетворение на злото. Во таа непоштедна борба победува љубовта и оваа претстава заминува во легендите на тетарската уметност. Заминува таму каде што се негува преубавиот македонски збор“, рече Антов.

    Актерката Гојковиќ рече дека благодарение на подршката на публиката од Куманово и на целата држава, претставата толку долго време се играла на репертоар.

    Вистинската љубовна драма што го инспирирала писателот Васил Иљоски да го напише делото „Бегалка“ се случила во 20-тите години на минатиот век во Куманово, за големата и несекојдневна љубов, што ги победила сите тогашни предрасуди и препреки на чорбаџиското и сиромашното семејство.

    Во Центарот на култура во Куманово, со претставата на Драмски театар, „Како да ограбиш банка“ по 21.пат започнаа Деновите на комедија.

    До 18 октомври ќе бидат прикажани 14 претстави од Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија и од Ерменија. На програмата се и комедиите: „Вдовицата се мажи“ од Велешкиот театар, „Умри машки“ на Штипски театар, „Жена ми се вика Борис“ на Театар Комедија Скопје, „Се зборува по градот“- Продукција ГМР Белград, „Вкус на медот“- Ерменски театар, „Кец на десетка“ на Македонскиот народен театар (МНТ), „Тарапевти“,- Сатиричен театар Софија, „Свиња“ на продукција „Траг“ од Белград, „Забрането смеење“ на Струмички театар, „Наопаку“ на Албански театар Скопје, „Веќе не те познавам“ на Ромски театар, „Птици“ од Куманово и „Урнебесна трагедија“ на Црногорско народно позориште.
    Традиционално фестивалот ќе го затвори претстава на Кумановскиот театар, а годинава тоа е премиерата на „Мани, мани, мани“, според текст на Реј Куни, во режија на Бојана Краљевска и Горан Илиќ.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира