Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова се победници на второто издание на десеткилометарската трка Скопје ран, што се одржа утрово.
Ивановски постигна време од 32 минути и четири секунди, финиширајќи 43 секунди пред второпласираниот Дејан Атанасов, додека бронзениот медал му припадна на Атанас Анчевски, со време од 33:28 минути.
Во женска конкуренција најбрза беше Адријана Поп Арсова, која ја истрча делницата за 38:28 минути, славејќи пред Милјана Ристиќ (39:06) и Биљана Кираџиева (39:59).
Скопје ран почна како идеја да се поттикне трчањето во овој период од годината и целта несомнено ја исполни, имајќи ја предвид бројката од 1.600 учесници, што е двојно повеќе од лани.
Организатор на трката е Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со атлетскиот клуб Работнички и Атлетската федерација.