ПРОЦЕДУРАТА ЗА ИЗМЕНАТА НА УСТАВОТ ЌЕ ТРАЕ ОКОЛУ 110 ДЕНА, АМА АКО ВЛАСТА ОБЕЗБЕДИ МНОЗИНСТВО

    ПРОЦЕДУРАТА ЗА ИЗМЕНАТА НА УСТАВОТ ЌЕ ТРАЕ ОКОЛУ 110 ДЕНА, АМА АКО ВЛАСТА ОБЕЗБЕДИ МНОЗИНСТВОСпоред собранискиот деловник, ако се почитуваат крајните рокови, целата постапка за промена на Уставот треба да трае од 106 до 110 дена. Кога ќе биде закажана собраниската седница по Предлогот за измена на Уставот, одлучува претседателот на Собранието. - Талат Џафери и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев (Фото: К. Попов)

    Владата го достави до Собранието Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот предвидено со Договорот од Преспа.

    „Предлогот е доставен до Собранието. Претседателот денес ќе им го подели на пратениците“, изјавија од Собранието, за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Владиниот портпарол Миле Бошњаковски на вчерашната прес-конференција не одговори дали власта го има обезбедено потребното мнозинство во Собранието за уставните измени.

    „Како Влада го започнавме процесот за уставни измени. Очекуваме дека пратениците ќе го следат гласот на народот изразен на референдумот и она што е стратешки интерес на Република Македонија, и очекуваме дека ќе почнат со работа и ќе се изјаснат. Сите пратеници имаат историска должност да го обезбедат патот кон ЕУ и НАТО кој води преку Договрот меѓу Македонија и Грција. Остварувањето на оваа визија е во рацете на секој пратеник и тоа зависи од секој од нив“, рече Бошњаковски.

    Според собранискиот деловник, ако се почитуваат крајните рокови, целата постапка за промена на Уставот треба да трае од 106 до 110 дена.

    Кога ќе биде закажана собраниската седница по предлогот за измена на Уставот, одлучува претседателот на Собранието.

    Според процедурата предвидена во собранискиот Деловник,првиот чекор е Собранието прво да пристапи кон измена на Уставот 

    • Предлог за пристапување кон измена на Уставот

    Предлогот за пристапување кон измена на Уставот содржи конкретни насоки за изменување и дополнување на Уставот и образложение за причините поради кои се предлага изменување и дополнување на Уставот. Потоа претседателот на Собранието го доставува предлогот до пратениците и до претседателот на Републиката.

    На собраниската седница расправа по предлогот може да трае најмногу десет дена.

    Претресот по предлогот за пристапување кон измена на Уставот во Комисијата за уставни прашања може да трае најмногу десет работни дена.

    Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

    По донесувањето на одлука за пристапување кон измена на Уставот, Собранието со заклучок утврдува рок во кој подносителот на предлогот изготвува текст на нацртот на амандманите. 

    •  Утврдување на нацрт амандманите на измените на Уставот

    Текстот на нацртот на амандманите со образложение, предлагачот го доставува до претседателот на Собранието кој го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката и до Владата, кога не се предлагачи, најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието.
    По предлогот за пристапување кон измена на Уставот на седницата на Собранието се води претрес во целина. Претресот се води по текстот на нацртот на секој амандман одделно и пратениците може да дадат мислења и предлози. Претресот може да трае најмногу три работни дена по текстот на нацртот на секој амандман одделно.

    Во собраниската Комисија за уставни прашања и во законодавноправната комисија претресот може да трае најмногу три работни дена по текстот на нацртот на секој амандман одделно.

    Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, го утврдува нацртот на секој амандман на Уставот одделно. Нацртот на амандманите потоа Собранието го става на јавна дискусија.Собранието го определува рокот за јавната дискусија, начинот на објавувањето на нацртот на амандманите и рок во кој предлагачот до Собранието поднесува извештај за резултатите од јавната дискусија и текст на предлогот на амандманите на Уставот.

    • Предлог на амандмани на Уставот

    Текстот на предлогот на амандманите на Уставот со образложението и извештајот за резултатите од јавната дискусија, предлагачот го доставува до претседателот на Собранието кој го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката и до Владата, најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието.

    Претресот во Собранието се води по текстот на нацртот на секој амандман одделно и може да се дадат мислења и предлози.
    На текстот на предлогот на амандманите на Уставот, предлагачот, секој пратеник, собраниско работно тело и Владата кога не е предлагач, можат да поднесат амандмани најдоцна осум дена пред седницата на Собранието на која ќе се усвојуваат амандманите на Уставот.

    По исклучок амандмани на текстот на предлогот на амандманите на Уставот, предлагачот може да поднесе до заклучување на претресот само заради усогласување на текстот на предлогот на амандманите кои се измениле поради усвојување на некој амандман.

    Комисијата за уставни прашања и Законодавно-правната комисија по текстот на предлогот на секој амандман на Уставот водат општ претрес и претрес по текстот, кој може да трае најмногу три работни дена.

    По текстот на Предлогот на секој амандман на Уставот се води општ претрес и претрес по текстот кој може да трае најмногу три работни дена.

    Собранието се изјаснува одделно за секој амандман на текстот на предлогот на амандманите на Уставот, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

    Амандманите што ги поднел предлагачот и амандманите со кои тој се согласил се сметаат за составен дел на текстот на предлогот на амандманот на Уставот.

    Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници го утврдува предлогот на секој амандман одделно.

    •  Донесување и прогласување на амандманите на Уставот

    Амандманите за измена на Уставот се донесуваат со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
    Одлука за измена на Преамбулата, која било одредба што се однесува на правата на припадниците на заедниците, Собранието донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија.
    Собранието донесува одлука за прогласување на амандманите на Уставот со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

    •  Постапка за донесување на уставен закон за спроведување на Уставот

    За да се спровеат измените, Собранието започнува постапка за донесување на уставен закон за спроведување на Уставот.
    Право да предлага донесување на уставен закон за спроведување на Уставот има претседателот на Републиката, Владата и најмалку 30 пратеници.

    Уставниот закон се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
    Собранието донесува одлука за прогласување на уставниот закон со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

    Г.ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира