ОБРАЗОВНИТЕ РЕФОРМИ НЕ ДОНЕЛЕ ПОГОЛЕМО ЗНАЕЊЕ КАЈ МАКЕДОНСКИТЕ УЧЕНИЦИ, ПОКАЖА ИЗВЕШТАЈ НА СВЕТСКА БАНКА

    ОБРАЗОВНИТЕ РЕФОРМИ НЕ ДОНЕЛЕ ПОГОЛЕМО ЗНАЕЊЕ КАЈ МАКЕДОНСКИТЕ УЧЕНИЦИ, ПОКАЖА ИЗВЕШТАЈ НА СВЕТСКА БАНКАДете што денес ќе се роди во Македонија ќе достигне 53 отсто од својот човечки потенцијал кога ќе порасне, во споредба со она што би можело да го постигне ако има квалитетно образование и ако е сосем здраво, стои во извештајот на Светска банка (Фото: СДК.МК)

    Индексот на човечкиот капитал (ИЧК) на Македонија е понизок отколку просекот на регионот, покажа новото истражување на Светска банка. Според ова истражување, дете што денес ќе се роди во Македонија ќе достигне 53 отсто од својот човечки потенцијал кога ќе порасне, во споредба со она што би можело да го постигне ако има квалитетно образование и ако е сосем здраво.

    Според овој извештај, во Македонија индексот на човечки капитал кај девојчињата е повисок отколку кај момчињата, односно изнесува 0,55 во споредба со 0,52 на скала од 0 до 1. Децата во Македонија, додека наполнат 18 години се очекува да завршат 11,2 години од предучилишно, основно и средно образование. Но, кога годините на школување ќе се прилагодат според квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на само 6,8 години, што значи дека има јаз во учењето од 4,4 години. Резултатите во здравството покажуваат дека 99 од 100 деца родени во Македонија доживуваат до 5-годишна возраст.

    „Вредноста на индексот, особено вредноста на образовните показатели укажуваат на итно преземање мерки. Се чини дека досегашните реформи не го трансформирале образовниот систем доволно за да им помогне на мнозинството ученици да ги достигнат барем основните знаења,“ вели Марко Мантованели, директор на канцеларијата на Светска банка во Македонија.

    Според него, темелна анализа на податоците од Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) е првиот чекор во ангажирање во сериозна дискусија за можните активности на јавните политики и реформи кои се насочени кон подобрувањето на образовните исходи во Македонија.

    „Важно е земјата и понатаму да учествува во меѓународните оценувања од голем обем за следење на квалитетот на образовниот систем“, вели Мантованели.

    Од Светска банка велат дека искуствата во Полска покажуваат оти со образовните реформи што биле спроведени во периодот помеѓу 1990 и 2015, оваа земја имала едно од најбрзите подобрувања на резултатите на ПИСА во земјите на ОЕЦД.

    „Ги поддржуваме напорите на Македонија за зајакнување на техничкото средно стручно образование и обука и високото образование преку Проектот за развој на вештините и поддршка на иновациите со кредит во износ од 24 милиони долари. Целта е да се подобри транспарентноста на распределбата на ресурсите и да се унапреди отчетноста во високото образование, да се подобри релевантноста на средното техничко стручно образование, како и да се поддржат капацитетите за иновации во Македонија“, велат од Светска банка.

    Светската банка со кредит од 33,4 милиони долари ја поддржува Македонија и во подобрување на пристапот до квалитетно рано детско образование и детска нега за сите деца, особено за децата од социјално ранливите групи.

    „Ова се прави преку проектот за подобрување на социјалните услуги, со кој ќе се подобри подготвеноста за училиште, што е од витално значење за доживотниот развој на вештините и зајакнување на конкурентноста на економијата на земјата на долг рок“, велат од Светска банка.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира