Една од најпознатите југословенски актерки Милена Дравиќ почина ноќеска во Белград на 79 години по тешко боледување, потврди Здружението на драмски уметници.
Родена на 5 октомври 1940 година, Дравиќ важеше за една од најголемите филмски диви во поранешната држава, остварувајќи повеќе од 150 улоги, а најголемата популарност ѝ донесе партнерството со Љубиша Самарџиќ.
Милена Дравиќ се појави на филм во 1959 година и потоа играше и во театар и на телевизија.
Таа е единствената југословенска актерка која била наградена на Канскиот филмски фестивал, за „Посебен третман“ во 1980 година, а награди добиваше и на фестивалите во Венеција, Авелино и во Пула, каде што повеќе пати освои Златна и Сребрена арена. Доби и низа награди за животно дело.
„Нејзиното филмско лице трепери во нашите сеќавања, и кога ќе ги затвориме очите илјадници мали целулоидни квадратчиња намигнуваат со нејзините сини очи и не ни даваат да остареме. Тоа е вечниот филм кој што ни го подари со своето лице Милена“, рече еден од најблиските пријатели и колега Раде Шербеџија во говорот при доделата на наградата „Добричин прстен“ за Милена Дравиќ лани во декември.
Четири и пол децении беше во брак со еден од најомилените југословенски актери Драган Николиќ, по чија смрт пред две и пол години тешко се разболе.