1. Во Македонија нема организиран криминал. Во Македонија има нешто уште полошо од тоа – мафија. Не знаевме, или, пак, се надевавме дека приказните за неа се измислици. Се додека не ни кажа премиерот. Бранко Црвенковски во четвртокот не зборуваше за организиран криминал. Тој го употребуваше зборот октопод. А тој збор неодминливо асоцира на – мафија.
Имаше една популарна италијанска телевизиска серија со наслов “Октопод”, во која главниот јунак, полицискиот комесар Катани се бореше против мафијата, на секој чекор соочувајќи се со пипките на октоподот, што се беа пикнале во сите замисливи и незамисливи места на општеството. Борбата со октоподот беше толку тешка, што дури и авторите на серијата не можеа да го прикажат јунакот како победник. Ако комесарот Катани дури ни на филм не успеа да ја победи мафијата, колку ли надеж ни останува нашиот комесар Катани да успее да се справи со македонскиот октопод?
Во Македонија почна емитувањето на серијата “Бранко во борба со октоподот”. Уште на самиот почеток се гледа дека ќе биде интересна. Освен ако по почетокот што ветува, сценаристите не го разводнат сценариото. Ако се суди според настапот на главниот јунак, би се рекло дека има желба и личен мотив да ја одигра улогата докрај. Досега не сме го виделе премиерот толку гневен, разочаран, бескомпромисен и истовремено решителен.
Во четвртокот се појави некој нов Бранко. не само затоа што прв пат ученикот настапи со сосема поинаков стил од неговиот учител. Наместо препознатливата смиреност и повикување на компромис, за да не се бранува многу, својствена за настапите на претседателот Глигоров, премиерот најави отворена битка, не штедејќи никого, без разлика со кого ќе треба да се соочи и какви потреси во државата тоа ќе донесе. И второ: Црвенковски честопати го споредувавме со скопски мангуп, кој знае многу финти и го бидува со “штосови” да излезе на крај со другите. Овојпат мангупот изгледаше како наивно дете кое многу се налутило кога конечно сфатило дека се нашло во друштво на крадци, па постои опасност заедно со другите и тоа, ни криво ни должно, да добие ќотек. Кој знае, можеби по досегашната интензивна дружба, Бранко го осознал непишаното правило, според кое селските мангупи се многу побезобѕирни од градските.
Дали токму тие, како негови другарчиња го спречија во името на нивната дружба, или поради високи државни интереси да ја претвори еднаш веќе најавената битка против организираниот криминал во апстрактна категорија. Кога пред две години најавуваше таква акција, значи дека имал против што да се бори. Кога сега вели дека тогаш се борел апстрактно, тоа тие исто како да најавил битка против Марсовци. Ако тогаш беше толку гневен разочаран и решителен, како што се надеваме ќе биде сега, сигурно немаше да најавува борба со октопод. Црвенковски сепак е шеф на Влада во чие време тој октопод се хранеше и развиваше. Ако мисли дека со истите тие кои го хранеа сега ќе му ги сече пипките, се зезнал. Попрво ќе го наместат него, да би можела некоја пипка да го задави.
2. Додека се емитува серијата “Бранко против октоподот”, ќе одат и рекламни пораки. Спотовите ќе бидат направени по угледот на предизборните спотови на владејачката партија во кои на идиличен начин ни кажуваа како добро ситуираните татковци со костуми од “Јукан” и со мобилни телефони и актен-чанти одат на работа, а мајките седат дома и во народна носија ги успиваат бебињата.
По аферата “ТАТ” се се измени. Најпрво, затоа што најмногу од приведените се жени. Па сега во новиот рекламен спот мајките ќе бидат в затвор. Децата нема кој да ги чува и тие излегуваат на улица, фрлаат со камења, кршат прозорци и кампираат кај што ќе стигнат. За тоа време, татковците си организираат јавни расправи во Парламентот и си се занимаваат самите со себе. По монтажата на вака избраните идилични слики преку целиот екран се испишува слоганот “За Македонија”. Додека се уште ја има.
3. Ваква софистицирана компјутерска обработка на малите екрани доживеа и говорот на претседателот Глигоров. Што е сигурно, сигурно е. Можеби некој не бил во можност истовремено и на Првиот и на Вториот канал на државната телевизија да го следи обраќањето на претседателот пред Собранието, па следниот ден во вестите добивме избор од поентите на неговиот говор, јасно и со големи букви испишани на малиот екран. Претпоставувам затоа што народот не сфаќа од прв пат, па некој мора уште еднаш да му повтори што сакал претседателот да каже, само по методологија на скратен курс. Треба да се очекува, по анкетата колку граѓани го следеле говорот на Глигоров, МТВ да направи едно училишно испитување со вкрстени прашања: “Ај ти кажи која е третата од говорот на Глигоров? – Не знаеш!? – Седи, единица!”
4. Премиерот најави разговори со опозиционите партии, отворање на дискусија за пакетот изборни закони, договор за датум кога би можеле да се одржат изборите. На овој начин ги исфрли од рака адутите на ВМРО-ДПМНЕ за митингот закажан за 27 март.
Сепак, според името и методите, ВМРО-ДПМНЕ е револуционерна партија. А кога се дига револуција многу работи немаат смисла. Бидејќи се претставуваат како наследници на историската ВМРО, тие ќе најдат објаснување зошто се борат надвор од институциите на системот. Сигурно и султанот на турската империја не сметал дека Илинденското востание е во рамките на институционалната борба за власт. За жал, навистина некои работи и ставовите на некои луѓе во Македонија и на Балканот, повеќе прилегаат на почетокот на 20-тиот, отколку во пресрет на 21. век.