Собраниската расправа за измените на Уставот во врска со Договорот за мето со Грција продолжува в петок во 12 часот, а за утре e закажана нова седница на која на дневен ред се 32 точки на измени на економски закони. Од парламентарното мнозинство велат дека ќе продолжи расправата за потребата за пристапување кон измени на Уставот, но не кажаа кога ќе биде гласањето.
Неофицијално, од парламентарното мнозинство брифираат дека ако има обезбедено потребно 2/3 мнозинство пратеници за да се отвори постапката за измена на Уставот, гласањето ќе биде в петок, после завршување на расправата. Ако не заврши дискусијата, гласањето може да биде и в сабота.
Во попладневниот дел од дебатата зборуваа само пратеници од власта.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои беа пријавени за дискусија, по координацијата со лидерот Христијан Мицкоски се откажаа од дискусиите. Опозицијата ги повика и пратениците од мнозинството да се откажат од дискусиите оти велат станале беспредметни, и побара да се оди веднаш на гласање за Предлогот за измена на Уставот.
Најголема дискусија предизвика предлогот на пратеникот на ГРОМ Панче Минов да се предложат нови рокови за имплементација на новото име.
„Употребата во меѓународни организации на името Северна Република Македонија да се применува по ратификација на спогодбата во Парламентот на Грција и ратификација на пристапните преговори за членство во НАТО во сите земји членки на Алијансата. За внатрешна употреба, прифаќањето на новото име да важи по финализирање на сите поглавја со Европската унија во рок од 5 години“, предложи Минов.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров во одговорот до Минов рече дека ако сега отвориме нов процес на преговори со Грција, а по 27 години едвај ги врзавме двете страни, ризикот да ја испуштиме оваа шанса ќе биде огромен
„Ни лидери ни свети лидери не ми требаат за да застанам зад интересите на својата држава. Географската одредница Северна, од нас нема да направи нови луѓе“, рече Димитров во репликата до Минов.
Пратеникот на ДУИ Бранко Манојловски ја повика државата да застане зад секој еден вмровец, за да можат, како што кажа, слободно да гласаат за уставните измените за нивна подобра иднина. Манојловски, исто така, даде поддршка за амнестија, објаснувајќи дека тоа е поевтина варијанта за државата од затворот.
За дискусија останати сè уште околу 22 пратеници, сите од парламентарното мнозинство.
Г. ТРПЕНОСКИ