Собранието вечерва го усвои владиниот предлог за пристапување кон уставни измени со 80 гласа „за“ и 39 гласа „против“. Непосредно пред гласањето, поголем дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата стана од клупите и застана покрај ѕидот, но неколкумина останаа на своите места. По електронското гласање, во салата се читаа поединечно пратениците како гласале на барање на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев.
Од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, „за“ гласаа пратениците Елизабета Канческа-Милевска, Емилија Александрова, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Нола Исмајлоска-Старова, Љубен Арнаудов, Зеќир Рамчиловиќ и Владанка Авировиќ.
Следен чекор за усвојување на уставните измени предвидени со Договорот од Преспа е утврдување на нацрт амандманите на измените на Уставот. Амандманите се усвојуваат со апсолутно мнозинство, по што следува уште едно гласање за уставни измени, за кои повторно е потребно двотретинско мнозинство. За амандманите да се гласа има рок од најмалку 80, а најмногу 100 дена.
Г. ТРПЕНОСКИ