ИНТЕРПЛАНЕТАРЕН ЗАГОВОР

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:80:"ГувернеротБоркоСтаноевскимразитренерки

    1. Тешко на Бранко Црвенковски. По се изгледа дека Македонија е соочена со некаков интерпланетарен заговор против неа. Малку му се секирациите околу ТАТ и битката против октоподот, сега уште ќе треба и да се бори со вонземјани. Освен ако на крајот не излезе дека за сите валканици во земјата се виновни некои чудовишни сили и зрачења од вселената.
    Не случајно неидентификуваниот летачки објект се појавил токму над Преспа. Не случајно долетал од Албанија. Сето тоа мора да има некаква врска со преспанско-битолското лоби во Владата и СДСМ. Само, од каде ли се појавија сведоци кои летачката чинија ја виделе и во Кривопаланечко и Штипско?

    2. Завчера ни го натепаа дописникот од Битола, кој пишуваше за аферата ТАТ. Вчера на колешката што пишуваше за кражбата  со фиктивните дрва во Велес по телефон и се заканија дека некој ден ќе ја пронајдат фрлена во контејнер.
    Добро е што на новинарите им се закануваат и повремено ги тепаат на улица. Нема да чини кога ќе почнат да ги убиваат. Секогаш е така: едни крадат,а други добиваат ќотек.

    3. Гувернерот Борко Станоевски на јавниот обвинител му рече дека повеќе нема атрактивни имиња за објавување во аферата со битолската штедилница, така што потрагата по министерот што во тренерки дошол да си подигне 600 илјади марки може да запре. Штета. Баш убаво се забавувавме со нагаѓања, на кој ли од министрите најубаво му стојат тренерки. Дури некои “добро информирани” извори и го соопштуваат името на рекреативно расположениот министер. Во политичките и новинарските кругови нема потреба да се кажува за кој министер станува збор. Требаше само да ни се каже која марка тренерки носел. И веднаш ќе знаевме во која фирма се снабдил со нив. Како што им ги знаеме марките на костумите и од каде ги  набавуваат. Уште и да ни кажеа со какво ауто си заминал од Битола… Навистина, поголем број од нив се љубители на иста марка автомобили, ама од партиски причини внимаваат околу набавките на спортската опрема, па лесно ќе можеше да се направи потесен избор.
    Затоа, гувернерот Борко Станоевски мрази тренерки. Не ги носи дури ни за време на викенд. Тој си има посебна гардероба “за по дома”. Во време на викенди, така облечен оди да се сретне со министерот за финансии. Го видовме кога го улови камерата на “А-1” телевизија. Колку домаќински изгледа кога ќе го видиш гувернерот на Централната банка како од некој џип, паркиран пред неговото работно место, излегува со некое сино винтијаже, под кое му се гледа некое тиркизно џемперче, врз црвеникаво ролче, со некои ѕвонарки (панталони ли беа, фармерки ли беа!), куси до глуждовите, како оди на средба со министерот за финансии. Веднаш си велиш:”Алал да му е на гувернерот, мора работното место да си го сфаќа како втор дом, штом таму оди облечен како “за по дома”. Освен тоа, нема за што да се фатиш да го озборуваш. Џипот му беше затоа што на состанокот изгледа доаѓаше директно од бавча. А и облеката му е различна од другите што ги озборуваме. Ова на него изгледа беше некоја последна креација од дистрибутивните центри на Амди Бајрам.

    4. На премиерот Бранко Црвенковски во борбата против организираниот криминал му дадоа поддршка сите. И во Владата, и во Парламентот, и во неговата партија. Ќе му викаат: “Алал да ти е!”. “Така треба!” “Не предавај се!” и слично. Премиерот нема да знае што да прави со толкава поддршка. Затоа што тие што му ја даваат имаат зафатени раце. Едните му ракоплескаат, па не се во состојба да почнат да работат со него. Другите си ги мијат рацете, па уште им се влажни дланките и лепливи прстите.
    Деновиве, покрај ТАТ, низ Македонија протатнуваат и афери во здравството,во полицијата, на Економскиот факултет во Прилеп, во претпријатието за аеродромски услуги, во некои пирамидални претпријатија во Велес… Од каде ли во оваа мала земја се најдоа толку многу пари за крадење? На премиерот, изгледа, нема кој да му даде поддршка. Пипките на октоподот веќе ги зафатиле сите сфери во општеството.
    Во животинскиот свет постојат некои видови за кои не е невообичаено да се самоубиваат. Меѓутоа, досега не сум слушнал дека октоподот може да изврши самоубиство.

    5. Уставниот суд донесе одлука според која во иднина и полицајците и воените лица ќе можат да се кандидираат за членови на општински совети и за градоначалници.
    Соочувајќи се со новонастанатата ситуација во државата, не би било лошо Уставниот суд да донесе одлука, покрај полицајците и офицерите, и затворениците да можат да бидат градоначалници. Еден веќе имаме.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира