ВАНГЕЛОВСКИ, КАРАЏОВСКИ И ШТЕРИЕВ СО ГОДИНИ ЗЕМАЛЕ ПАУШАЛ ОД ПО 10.000 ДЕНАРИ МЕСЕЧНО ШТО НЕ ИМ СЛЕДУВА ОД АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ

    ВАНГЕЛОВСКИ, КАРАЏОВСКИ И ШТЕРИЕВ СО ГОДИНИ ЗЕМАЛЕ ПАУШАЛ ОД ПО 10.000 ДЕНАРИ МЕСЕЧНО ШТО НЕ ИМ СЛЕДУВА ОД АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИПретседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски е меѓу осуммината актуелни и поранешни судски функционери кои, иако законот се сменил, продолжиле да земаат паушал за членување во Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители - (Фото: СДК.МК)

    Актуелните претседатели на Судскиот совет Зоран Караџовски и на Врховниот суд Јово Вангеловски, како членови по функција во Управниот одбор (УО) на Академијата за судии под раководство на Анета Арнаудовска, три години земале месечни паушали од по 10.000 денари што законски не им следувале, а една година овој паушал го земал и претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штериев. Со персоналниот данок што им бил плаќан, Академијата всушност ја чинело по 11.000 од секоја незаконска исплата, секој месец.

    Кога се смени власта и СДСМ формира влада, бидејќи немало формална одлука за паушалите и оти директорката Анета Арнаудовска и УО немале покритие за исплатените големи суми, на 11 јули 2017, на 121-та седница, УО на Академијата донела одлука со ретроактивно важење за веќе исплатените паушали.

    Академијата за судии и обвинители го потврди ова за САКАМДАКАЖАМ.МК, во допис по барана информација според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

    Законот за акдемија на судии и јавни обвинители тие го кршеле од ноември 2015, кога бил донесен, сè до 19 октомври годинава кога беше избран нов Управен одбор, во кој ги нема веќе членовите што се по функција. До тогаш, Караџовски и Вангеловски и Штериев земале незаконски надомест по стар закон кој важел до февруари 2015.

    Месечен надомест по 10.000 денари од четворицата членови што биле таму по функција не земал само Јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески. Тој за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека јавно ја одбил оваа награда, бидејќи му била законски сомнителна.  Но, неговиот претходник Марко Зврлевски, додека членувал по функција во УО на Академијата, редовно земал паушал.

    Штериев тврди дека паушалот го земал законски, бидејќи членува во Управниот одбор, без да коментира зошто Академијата не го сменила Управниот одбор согласно законските измени според кои носителите на неговата функција и функциите на неговите колеги не треба да бидат вклучени во ова тело.

    Пред овие актуелни функционери, без законска основа паушалите незаконски ги земале и нивните претходници: Петар Аневски (експретседател на Советот на јавни обвинители), Бранко Ушковски (екпретседател на Судскиот совет), Марко Зврлевски (претходниот државен јавен обвинител), Снежана Бајлозова (в. д. претседател на Врховниот суд) и Лидија Неделкова (експретседател на Врховниот суд).

    Основната пречка за исплата на овие награди е што во новиот Закон за академија на судии и јавни обвинители, донесен во февруари 2015, членовите по функција: претседателите на судскиот и обвинителскиот совет, на Врховниот суд и државниот обвинител, се избришани од членство во Управниот одбор на Академијата. Тие немале право ни да членуваат, ни да земаат паушали. Во преодните и завршни одредби на Законот стои дека стариот УО може да се задржи само три месеци додека се подготовките за избор на новиот, но УО сосе членовите по функција и со паушалите, се задржа незаконски три и пол години, сè до 19 октомври кога беше избран новиот.

    На 4 февруари 2016, незаконскиот УО ја одржал 100-та седница на која тогашните членови едногласно одлучиле дека сите 13 (9 редовни и 4 по функција), треба да си земаат паушали. Зеле наназад за два ипол месеца и продолжиле сè до 19 октомври 2018. Во измените во ноември 2015 бил вметнат надомест од 10.000 денари, но пак никој не ги вратил членовите по функција назад во законот, за да може да земаат надомест.

    Кога се смени власта и СДСМ формира влада, бидејќи немало формална одлука за паушалите и оти Арнаудовска и УО немале покритие за исплатените големи суми, на 11 јули 2017, на 121-та седница, УО на Академијата донела одлука со ретроактивно важење за веќе исплатените паушали.

    „Одлучивме на 11 јули 2017 година да ја формализираме одлуката од 4 февруари 2016 година“, пишува Академијата во официјалниот одговор до САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Освен што стариот УО на Академијата со незаконските паушали го повредил Законот за Академија на судии и обвинители, ги повредил и Законот за антикорупција и Законот за спречување судир на интереси. Првиот (во член 21 – Забрана за вршење други дејности) забранува избрано или именувано лице да членува во управни одбори во установи со државен капитал и забранува членство во управен одбор во правно лице што се занимава со дејност со која се остварува профит. Законот за спречување на судир на интереси, пак, изрично го забранува службено лице да членува во УО, и тоа во членот 18. Во член 19 вели дека службено лице  не смее да прима или бара корист за вршење на работите кои се однесуваат на јавните овластувања и должности.

    САКАМДАКАЖАМ.МК од Академијата побара и преглед на именување на членови во Управниот одбор од 2014 година до денеска, за да може поединечно да се пресметаат незаконските паушали, но на тоа барање оваа институција одби да одговори.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира