Предлог-законот за прекинување на бременоста вчера е објавен на Единствениот национален регистар на правни прописи (ЕНЕР), со кој треба да се укинат одредбите од законот кои го ограничуваа и оневозможуваа правото на жените самостојно да одлучуваат за абортус. Министерството за здравство соопшти дека со тоа го почнале процесот на измена на Законот, кој беше донесен во јуни 2013, а потоа дополнуван во 2015, кога министер за здравство беше Никола Тодоров во владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„По повеќемесечните консулатиции со претставници на граѓанските организации, целосно инклузивно и отворено ги прифативме забелешките на сите засегнати страни, како и препораките на меѓународните организации и Светската здравствена организација. Волјата на жената ќе биде на прво место. Се измените на Законот се укинува задолжителното советување и чекање од 3 дена, како и задолжително формирање на Комисија до 22-рата гестациска недела од бременоста“, вели Министерството за здравство.
Со законските измени, како што вели Министерството, ќе се укинат постојните административни процедури и бариери за спроведување на постапката за безбеден абортус. На жената ќе и се даваат комплетни, објективни и точни информации во врска со начинот на изведување на интервенцијата. Одлуката за прекин на бременост ќе може да ја донесе пациентката свесно, без принуда од било кого, како и да и` се даде поддршка на пациентката, без било какво искажување на осуда или обвинување од страна на здравствените работници.
Глобите поврзани со прекршоците дополнително ќе се намалат.
Практиката на примена на важечкиот Закон за прекинување на бременоста, според Министерството за здравство покажала проблеми со постојните административни бариери, што го ограничува пристапот до абортус, спроведување безбеден абортус и остварување на правото на жените за спроведување безбеден абортус.
„Комитетот за човекови права и Комитетот за културни и социјални права на ООН имаат изразено загриженост во однос на условите воведени со Законот за прекинување на бременоста од 2013 година со кои може кумулативно да се ограничи пристапот до легален абортус“, велат од Министерство за здравство.
Поранешниот министер за здравство Никола Тодоров во четвртокот гостувајќи на емисија на телевизија Канал 5, се извини на сите жени за контравезниот Закон за абортус, кој тој го донесе.
Во јуни 2013, невладините организации протестираа пред Собранието против донесување на Законот за прекин на бременоста што го предложи Тодоров, со барање пратениците да гласаат „против“ оти ги ограничува правата на жената. Сепак, тогашното владејачко парламентарно мнозинство од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ го изгласа контроверзниот закон, а меѓу оние што гласаа „за“ беа и нивните 23 пратенички. Пратениците на СДСМ не присуствуваа на гласањето.
Е. БОЧВАРОСКА