ВЕЛЕШКАТА РОК ИКОНА ГИГО ПЕТРОВ ПОВТОРНО НА СЦЕНА СО ГРУПАТА „ЗРАК“ ПО ЧЕТИРИ ДЕЦЕНИИ

    ВЕЛЕШКАТА РОК ИКОНА ГИГО ПЕТРОВ ПОВТОРНО НА СЦЕНА СО ГРУПАТА „ЗРАК“ ПО ЧЕТИРИ ДЕЦЕНИИГрупата „Зрак“ се собра за Питијадата и потсети дека Велес отсекогаш имал добра рок сцена (Фото: СДК.МК)

    На 21 октомври пред 40 години, започна да свири велешката група „Зрак“. Судбински, на истиот ден по толку години, составот се собра повторно и настапи на Фестивалот на питата и виното, покажувајќи дека времето и годините не влијаеле на нивното музицирање.

    На сцената беше и велешката рок икона Гиго или Глигор Петров. Тој и денес е поим за рокер за велешани. Живее во Австралија, а три месеци летоска престојуваше во родниот град.

    Оригиналната постава на „Зрак“ ја сочинуваат Гиго Петров, Васил Гемишев, Стојан Прпев и Миле Ацков (Фото: СДК.МК)

    „Беше убаво. Иако бев три месеци, летнаа како сон. Дојдов во родниот крај за да се видам со пријатели и роднини. Настапивме на Питијадата и имавме добар прием како група, беше супер. Музиката е мојот живот, нејзе ѝ посветив сѐ. Во Австралија сега одморам, работев многу и моментално паузирам. Доволно беше, имам уште две години до пензија“, вели Гиго со препознатливиот рок имиџ, кој и натаму го задржа.

    Тој е голем колекционер на гитари. Повеќето вредат по илјадници долари. Ги има повеќе од 30 и објаснува дека сите се марка до марка. Гиго прв во Велес донел оригинал соло гитара, и тоа „ибанез стандард лес пол“ од Италија, вредна 3.000 марки, тогаш вистинско богатство. За жал, веќе ја нема, оти ја продал. Таа негова пасија кон гитарата продолжува и денес и свири за своја душа.

    „Имам „фендер стратокастер“ од 1968 година, вредна најмалку 35.000 долари. Имам и многу други гитари, како акустична „гуилд“ од околу 6.000 долари. Во колекцијата се и „јамаха“, „редлик“, „џибсон“, „ибанез“… Многу јака колекција, со која се гордеам. Многу е вредна. Тука немав можност да набавам така квалитетни гитари, но таму имам. Своевремено отидов во Австралија на шест месеци, а останав 38 години“, вели Гиго.

    Дел од колекцијата гитари на Гиго (Фото: СДК.МК)

    Се присетува на младоста и на неговите свирки низ Велес, по кои го помнат постарите сограѓани. Иако дел од животот физички е отсутен од градот, тој е тука во муабетите. Негов прв состав бил „Магична крв“.

    „Со групата имавме многу јаки свирки, се собираа по две илјади луѓе. Тоа и денес е голема бројка за таков простор. Беше престиж да се дојде на нашите концерти. Свирев хеви метал, имав долга коса и бев несекојдневна појава за тоа време, вистински хипик од почетокот на седумдесеттите. Ме гледаа чудно велешани, а потоа се навикнаа на мене. Жените не се палеа, туку колеа по нас“, низ смеа вели Гиго.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира