Во ноќта помеѓу сабота и недела, 29-годишниот Омар Матин отвори оган во геј клуб во Орландо, Флорида, во напад во кој загинаа 50, а ранети се 53 луѓе, изјави полицијата. Ова е најлошото масовно убиство во историјата на САД, а се случи среде бројните манифестации низ земјата со кои се одбележува Месецот на ЛГБТ гордоста.
Матин е син на авганистански имигрант кој имал ток шоу во САД, чија природа не е баш јасна: еден поранешен авганистански службеник рече дека програмата била проталибанска, а еден поранешен колега вели дека била ентузијастички проамериканска. Тој одел на молитви во џамијата три пати неделно, а во последно време доаѓал и со сина си, вели имамот Саид Шафик Рахман, кој рече дека последен пат го видел Матин во петокот. “Не се дружеше со никого, беше многу тивок и спокоен”, вели Рахман.
Неговата бивша сопруга вели дека бил биполарен, ментално нестабилен и ментално болен.
Власта почна истрага дали нападот на Матин е терористички чин. Полицаец изјави дека Матин од клубот се јавил на бројот за итни повици во полиција и изјавил дека му е верен на лидерот на Исламска држава Аби Бакр ал-Багдади. Сопругата на Матин вели дека нападот е резултат на неговата болест, а не на каква било врска со терористички групи. Истото го смета и имамот.
Во 2013 Омар Матин вербално нападнал колеги и двапати бил сослушан од ФБИ, изјави агентот Роналд Хопер. Тој рече дека овие сослушувања останале без заклучок. Во 2014 ФБИ открила дека Матин има врска со еден американски бомбаш самоубиец. Го сметале контактот за минимален и не го сфатиле како за закана. Матин немал криминално досие, а изминатава недела легално купил најмалку две пушки. Работел во агенција за обезбедување.