ДАЛИ ГРУЕВСКИ ЌЕ ОДИ ВО ЗАТВОР НА 8 НОЕМВРИ ЗАВИСИ И ОД ЈАНКУЛОСКА

    ДАЛИ ГРУЕВСКИ ЌЕ ОДИ ВО ЗАТВОР НА 8 НОЕМВРИ ЗАВИСИ И ОД ЈАНКУЛОСКАНикола Груевски и Гордана Јанкулоска на судење за „Тенк“ пред поранешната министерка за внатрешни работи да биде издвоена од постапката поради бременост. (Фото: СДК.МК)

    Одлуката по барањето за одлагање на извршување на затворската казна на правосилно осудениот поранешен премиер Никола Груевски за предметот на СЈО „Тенк“, кој треба да се пријави во затворот во Шутка до 8 ноември, зависи и од тоа кога ќе поднесе Гордана Јанкулоска жалба до Апелациониот суд Скопје за затворската казна од 6 години во издвоена постапка за истиот предмет. Таа уште нема поднесено жалба, а рокот за поднесување жалба на пресудата во Основниот суд Скопје 1 за Јанкулоска, која беше донесена на 8 октомври е до 6 ноември. Дотогаш, комплетната документација од предметот „Тенк“ останува во Основниот суд Скопје 1 и Врховниот суд од каде што Груевски исто така бара одлагање на казната нема комплетен предмет да постапи.

    Според објаснувањето од Кривичниот суд, Груевски одлагање бара на две места. Во Кривичниот суд и во Врховниот суд.

    Во Основниот суд Скопје 1 барањето е испратено по пошта и е стигнато денеска, па во рок од три дена судијата за извршување санкции треба да донесе одлука. На таа негова одлука, ако Груевски е незадоволен, има рок да се жали до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје, а советот има рок да одлучи три дена, заклучно до 7 ноември, ден пред крајниот датумот на кој според упатниот акт треба да оди во затвор.

    Во меѓувреме, Врховниот суд не може да му ја одложи казната на Груевски, бидејќи предметот на Јанкулоска сѐ уште е во Кривичниот суд, а на Врховниот суд му треба комплетиран предметот на „Тенк“ со пресудите на Груевски, Јанкулоска и Ѓоко Попоски.

    „Ако во меѓувреме Јанкулоска поднесе жалба до Апелациониот суд Скопје, ние како суд веднаш ќе направиме фотокопии од предметот за Врховниот суд за да може да постапува. Оригиналите остануваат во Апелација, бидејќи редовните правни лекови имаат предност пред вонредните“, рече претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев на денешниот брифинг со новинарите и притоа прочита одредба од законот дека и Врховниот суд може да одлучува по барање за одлагање на затворска казна.

    Според она што се објаснува како правна процедура, Јанкулоска и да поднесе жалба во рокот, сепак Кривичниот суд, кој му ја изрече затворската казна на Груевски, ќе го претрка Врховниот суд со одлуката, но останува можноста во иднина, со вонреден правен лек, да го ослободи Груевски и среде извршување затворска казна.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира