„Ќе свирам на сите концерти и на настапите во оф-програма, така што ќе свирам шест пати за време на трите фестивалски дена и мерцедесот од Грујо ќе ми го дадат на поклон“, одговори селекторот на Фестивалот на музика од светот во Битола Оливер Јосифовски, на денешната прес-конференција на новинарското прашање „по кој критериум беше извршена селекцијата, зашто лани поради финансиска оскудица се селектиравте самите себеси, па настапи ‘Љубојна’, а годинава ја нема“. Јосифовски е басист и композитор во популарната група „Љубојна“.
На прашањето, Јосифовски му возврати на новинарот дека ќе настапува поединечно со сите музички групи во официјалната програма и на другите три во оф-програмата, а како што рече „и мерцедесот од Грујо ќе ми го дадат поколон, неофицијално така ветија, ќе треба да истражите“.
Тој веќе три години е програмски селектрор на фестивалот. Запрашан колкав е неговиот хонорар, рече дека тоа е тајна.
Минатата година, Јосифовски исто така беше селектор на Фестивалот на музика од светот што десет години се одржува во организација на Центрарот за култура. Во програмата настапи „Љубојна“, па и тогаш новинарите го запрашаа дали има судир на интереси. Тогаш тој одговори дека иако изгледа оти има пристрасност, сепак биле задишени од целата политичка и економска ситуација, па било пресудно да донесат бенд којшто ќе продава карти.
Инаку, во изминатите години постоеше солидна соработка меѓу „Љубојна“ и Центарот за култура во Битола. Групата гостуваше на концерти во организација на оваа културна установа, а соработуваа и при снимање албуми.
Фестивалот на музика од светот годинава ќе се одржи по десетти пат, од 16 до 18 октомври, организатор е Центарот за култура од Битола, кој сам обезбеди финансии, а помогнат е и од Министерството за култура со 200.000 денари. Во трите фестивалски вечери ќе настапат „Синтезис“, Џез квартет од Македонија и „Компанија Фламенка“ од Куба, голем состав со 15 музичари и балерини кои ја негуваат фламенко музиката. Во оф-програмата ќе има уште три настапи по локали низ Битола.
Маја Андоновска-Илијевски, која е директорка на Центарот за култура, од пред неколку месеци најави дека карите ќе чинат од 150 до 200 денари.
Ж. ЗДРАВКОВСКА