Американскиот актер Алек Болдвин е обвинет за физички напад во Њујорк, откако наводно удрил маж во инцидентот за паркинг место.
Тој бил пуштен од локалната полициска станица, но ќе мора да се појави на суд на 26 ноември. Ова не е прв судир со законот за 60-годишниот Болдвин, откако во 2014 година беше уапсен за нарушување на јавен ред.
Тепачката се случила во областа Вест Вилиџ на Менхетн, кога еден маж се уфрлил на местото што член на семејството го чувал за „кадилакот“ на Болдвин. Тие потоа почнале да се расправаат и туркаат, пред Болдвин да го удри 49-годишниот маж, кој завршил во болница со повредена вилица.
Болдвин е обвинет за физички напад и вознемирување, иако самиот демантира дека удрил некого.
„Тврдењето дека сум удрил некого поради паркинг место е лажно. Засега имам толку да кажам“, кажа Болдвин, кој во последно време е актуелен со имитирањето на Доналд Трамп во шоуто „Сабота вечер во живо“.
„Му посакувам среќа“, кажа Трамп кога го прашале за апсењето на актерот.