ГРУЕВСКИ ЌЕ ОСТАНЕ ПРАТЕНИК И НЕ СЕ ЗНАЕ КОГА ЌЕ ОДИ ВО ЗАТВОР

    ГРУЕВСКИ ЌЕ ОСТАНЕ ПРАТЕНИК И НЕ СЕ ЗНАЕ КОГА ЌЕ ОДИ ВО ЗАТВОРПратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вчера беше на судење за случајот на СЈО „Титаник“. (Фото: К. Попов)

    За одземањето на пратеничкиот мандат на Никола Груевски нема да се расправа денеска, бидејќи седницата на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за евентуалното, која првично беше закажана за денеска, е одложена за утре.

    Комисијата, на чело со претседателот Павле Богоевски, треба да донесе одлука дали да му предложи на Собранието да му се одземе мандатот на Никола Груевски, откако Собранието и официјално беше известено од Основниот суд Скопје 1 дека поранешниот премиер е правосилно осуден на двегодишна затворска казна.

    Но, извесно е дека Груевски ќе си го задржи мандатот, бидејќи за одземање мандат е потребно двотретинско мнозинство, кое власта го нема, откако независната пратеничка група, составена од осуммината пратеници од опозицијата кои гласаа за отворање на уставот, соопшти дека нема да даде поддршка.

    Неофицијално, комисиската расправа е одложена бидејќи денеска треба да се одржи координација на пратеничките групи на која треба да се донесе одлука кога ќе се формира меѓупартиското парламентарно тело за помирување, па за да нема преклопување, според собраниски извори, било одлучено мандатно-имунитетната комисија да расправа утре.

    Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да учествуваат собраниското тело за помирување, но, како што кажа новиот координатор Никола Мицевски, ќе дадат поддршка ако телото донесе заклучоци, одлука или каков било начин за ослободување или решение на проблемите на сите инволвирани од 27 април.

    Во судот, пак, Груевски вчера ја прими одлуката на судијата за извршување санкции дека му се одбива жалбата на упатниот акт да се јави во Шутка до 8 ноември, но тој има уште една инстанца за жалба, а тоа е Кривичниот совет на судот. Тој има право во рок од три дена да се жали на одлуката на судијата за извршување санкции, а Кривичниот совет и во случај да ја одбие жалбата, повторно одредува датум кога осудениот треба да оди во затвор.

    Пролонгирањето на одењето во затвор е извесно, бидејќи Груевски може да ја поднесе жалбата на истекот на рокот во среда по препорачана пошта, како што тоа го стори претходно, а Кривичниот совет потоа има три дена да одлучи по жалбата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира