Во борбата помеѓу демократите и републиканците за местата во Сенатот и Претставничкиот дом, неколку избрани кандидати засекогаш ќе го сменат изгледот на Конгресот, откако постигнаа историски резултати на изборите.
Александрија Окасио-Кортес приреди големо изненадување кога на јунските избори во Њујорк победи моќен конгресмен со десет мандати зад себе. Со 29 години, таа ќе биде најмладата жена во Конгресот во историја.
Во Конгресот за првпат ќе седат муслиманки.
Рашида Тлаиб има потекло од Палестина и ќе го претставува Мичиген, а се прослави кога беше избркана од митинг на Трамп во 2016 година, откако го праша дали некогаш го прочитал уставот.
Илхан Омар (Минесота) пристигнала во САД како бегалка од Сомалија и последните четири години е силно активна на политичката сцена.
Во Конгресот за првпат се избрани и две домородни Американки.
Шарис Дејвидс, која ќе го застапува Канзас, е адвокат и поранешен ултимејт фајтер, но и отворено се декларира како лезбијка, додека Дебра Халанд (Њу Мексико) е долгогодишна активистка со прогресивна платформа.
Вероника Ескобар и Силвија Гарсија се првите латино конгресменки од Тексас, иако тие сочинуваат една третина од тамошната популација.
Во САД во исто време се избираа и гувернери и Џеред Полис отсега ќе го води Колорадо како првиот избран геј гувернер.