ПОЛИЦИЈАТА ЌЕ ГИ ЧУВА ЛЕКАРИТЕ И СЕСТРИТЕ ПО НАПАДОТ НА МЕДИЦИНСКА СЕСТРА НА КАРИЛ

    ПОЛИЦИЈАТА ЌЕ ГИ ЧУВА ЛЕКАРИТЕ И СЕСТРИТЕ ПО НАПАДОТ НА МЕДИЦИНСКА СЕСТРА НА КАРИЛ„Ова однесување е недозволиво и не е првпат медицинско лице од КАРИЛ да биде физички или вербално нападнато“, вели д-р Маја Мојсова, директор на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување. - Мојсова со министерот Венко Филипче пред Ургентен центар (Фото: Фејсбук)

    Медицинска сестра на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) утрово била физички и вербално нападната од роднини на пациент, кој починал на Клиниката. По нападот, министерот за здравство Венко Филипче најави дека имал координација со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и најави дека наскоро лекарите и медицинските сестри ќе добијат заштита од полицијата.

    Од Министерството за здравство велат дека според првичните информации што ги имаат станува збор за физички и вербален напад на лица, кои изгубиле близок член од семејството, хоспитализиран во оваа Клиника, врз медицинско лице кое во тој момент пристигнало на работа.

    Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека нема да се толерира никаков вид насилство врз медицинскиот персонал.

    „Насилството не е начин на кој треба да комуницираат лекар и пациент. Сочувствува со состојбата на лицата кои претрпеле загуба, но го осудувам настанот и секој обид за насилство. Со министерот за внатрешни работа Оливер Спасовски, сме во координација, со што многу скоро, ќе добиеме помош и заштита од полицијата“, рече Филипче.

    Директорката на КАРИЛ д-р Маја Мојсова рече дека не е прв пат да биде нападнато медицинско лице од ова одделение.

    „Загубата на човечки живот е непроценлива. Но ние секојдневно се грижиме и лекуваме лица кои доаѓаат во животозагрозувачка состојба. Медицинскиот персонал дава се од себе, да ги спаси и одржи во живот овие пациенти. Ниту еден од нив, никој не заслужува да биде физички или вербално нападнат. Ова однесување е недозволиво и не е првпат медицинско лице од КАРИЛ да биде физички или вербално нападнато“, вели Мојсова.

    Од Министерството за здравство велат дека случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира