АКО НЕКОЈ МИНИСТЕР НЕ ДОАЃА ВО ВЛАДАТА, ТРЕБА ДА СЕ РАЗМИСЛИ ТОА ДА СЕ ПРОМЕНИ, КАЖА ЗАЕВ НАЈАВУВАЈЌИ ПРОМЕНИ ВО ВЛАДИНИОТ СОСТАВ

    АКО НЕКОЈ МИНИСТЕР НЕ ДОАЃА ВО ВЛАДАТА, ТРЕБА ДА СЕ РАЗМИСЛИ ТОА ДА СЕ ПРОМЕНИ, КАЖА ЗАЕВ НАЈАВУВАЈЌИ ПРОМЕНИ ВО ВЛАДИНИОТ СОСТАВОд посетата на премиерот Заев и министерката Царовска на привремените живеалишта за лица бездомници во Визбегово (Фото: Влада)

    Премиерот Зоран Заев кажа дека веројатно наскоро ќе има смена на министри, но тоа нема да биде реконструкција на Владата, бидејќи земјата е среде сериозни парламентарни процеси.

    „Ако некој министер не доаѓа во Владата, логично е дека треба Владата да седне, да размисли, тоа да се промени. Тоа е редот на работите. Секако разговараме со коалициските партнери, кои споделиле одговорност со нас и во делот на другите ресори“, кажа Заев, одговарајќи на новинарско прашања за време на посетата на привремените живеалишта на бездомници во Визбегово.

    Од членовите на Владата на Заев, единствено вицепремиерот за политички систем и спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика не доаѓа на владините седници.

    Неофицијално, Лика не доаѓал во кабинетот поради тоа што е револтиран од лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој во една внатрепартиска битка не го поддржал, туку застанал на страната на друг висок партиски функционер.

    Вицепремиерот Лика беше во крилото на ДУИ кое се спротивстави за повторно коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ по изборите во декември 2016 година. Тој заедно со потпретседателите на партијата Невзат Бејта и Теута Арифи остро се спротивставија на повторното формирање влада со Никола Груевски, па Ахмети во последен момент, наместо со долгогодишниот партнер ВМРО-ДПМНЕ, коалицираше со СДСМ.

    Извори од ДУИ велат лидерот Ахмети го ставил Лика за вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор за да го неутрализира незадоволството на крилото од поранешните команданти на УЧК, каде тој бил влијателен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира