НАКИТ ОД ВЕЛЕС ОД 19 ВЕК, СОБИРАН ОД ФРАНЦУЗИНКАТА ЛОТ МАТЈЕ, ИЗЛОЖЕН ВО МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО ПАРИЗ

    НАКИТ ОД ВЕЛЕС ОД 19 ВЕК, СОБИРАН ОД ФРАНЦУЗИНКАТА ЛОТ МАТЈЕ, ИЗЛОЖЕН ВО МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО ПАРИЗСузана Лот Матје, која имала 9-10 години кога живеела во Велес, пред 20-тина години ги донела предметите во македонската амбасада во Париз, и кажала дека бидејќи нема наследници, сака тие да ѝ ги остави на Македонија (Фото: Општина Велес)

    Во холот на Амбасадата на Македонија во Париз се изложени ретки и вредни примероци на накит и модни додатоци изработени од срма. Станува збор за предмети од Македонија, кои биле донирани од французинката Сузана Лот Матје.

    Изработките од градската носија на Велес, која била под влијание на ала франка модата се карактеристични за 19-тиот и почетокот на 20-тиот век (Фото: Општина Велес)

    „Нејзиното семејство во 20-тите години на минатиот век живеело во Велес, бидејќи татко ѝ како инженер работел во изградба на Железниот мост над реката Вардар, на пругата Велес-Кочани. Мајка ѝ собирала женска облека и накит и ги понела за Париз“, ни изјави амбасадорката на Македонија во Париз, Јадранка Чаушевска-Димов.

    Амбасадорката вели дека Лот Матје, која била мало девојче кога живеела во Велес,  пред 20-тина години ги донела предметите во македонската амбасада, и кажала дека бидејќи нема наследници, сака тие да ѝ ги остави на Македонија.

    Во колекцијата има и разни предмети како чибуци, колани, и додатоци од срма (Фото: Општина Велес)

    „Во тоа време јас бев на служба во амбасадата и лично се запознав со Сузана, една исклучително љубезна и пријатна госпоѓа. Во тој период, и режисерот Љубе Цветановски сними документарен филм за неа и приказната за предметите“, ни рече амбасадорката.

    Градоначалникот на Велес Аце Коцевски побарал предметите да бидат отстапени и изложени на изложба следната година во Велес (Фото: Општина Велес)

    Во колекцијата има и разни предмети како чибуци, колани, и додатоци од срма. Изработките од градската носија на Велес, која била под влијание на ала франка модата се карактеристични за 19-тиот и почетокот на 20-тиот век. Тие биле работени за жените на угледните велешки трговци, кои соработувале со Западна Европа и ја следеле модата.

    Локалната власт неодамна беше во посета на француската област Алзас, во која делегација била и амбасаодрката Чаушевска- Димов. Градоначалникот на Велес Аце Коцевски побарал предметите да бидат отстапени и изложени на изложба следната година во Велес, да има можност да ги види велешката јавност.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира