ПОСТАВЕТЕ СИ ГИ ЦЕЛИТЕ ПОВИСОКО ОТКОЛКУ ШТО МОЖЕ ДА ВИДИТЕ, ВЕЛИ МАЈА ВЕЉАНОВА, СТИПЕНДИСТ НА „ЕУРОЛИНК ОСИГУРУВАЊЕ“

    ПОСТАВЕТЕ СИ ГИ ЦЕЛИТЕ ПОВИСОКО ОТКОЛКУ ШТО МОЖЕ ДА ВИДИТЕ, ВЕЛИ МАЈА ВЕЉАНОВА, СТИПЕНДИСТ НА „ЕУРОЛИНК ОСИГУРУВАЊЕ“Вељанова за стипендијата од „Еуролинк“ вели секое признание како резултат на вреднување на личниот успех, колку и да е чест и задоволство, сепак, со себе носи голема тежина која според неа се мери со мерната единица одговорност

    Дваесет и петгодишната Маја Вељанова, една од корисниците на 130 стипендии на „Еуролинк осигурување“ наменети за студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ вели дека амбициозноста е еден вид на ретка, но „неизлечлива болест“ од која се заразени најпосветените поединци во полето на интерес во кое се градат на професионално ниво.

    Вељанова завршила средно образование во приватна гимназија, каде што имала афинитети кон природните науки. Во текот на средното образование учествувала на повеќе натпревари, од кои ги издвојува натпреварите по хемија – ИНЕСПО и Народна техника. И покрај љубовта кон природните науки, се одлучила да студира правни науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

    „ Мојата амбиција беше водилка и една движечка сила која ми даваше храброст да преземам чекори за кои можеби не секогаш според некоја моја лична проценка сметав дека сум подготвена да се спротивставам на предизвикот. Во почетокот на студиите јас воопшто не чувствував силна врска помеѓу моето поле на интерес и правото. Слободно можам да кажам дека не беше ‘љубов на прво читање’, но прерасна во една зрела нераскинлива врска. Во текот на студентските денови мојот натпреварувачки дух растеше правопропорционално со интересот и посветеноста кон правото. Па, така членував, а две години бев и претседател во Европското здружение на правниците во Република Македонија која е дел од најголемата меѓународна организација на студенти по право European Law Students’Association International (ELSA). Понатаму, исто така бев дел и од уредувачкиот одбор на првото студентско списание на Правниот факултет Iustinianus Primus Students’Law Review (IPLRS).Од оваа гледна точка, сметам дека не сум погрешила во изборот на својата професија и навистина ми е многу драго што во иднина ќе работам нешто што ме исполнува “, ни рече Вељанова.

    Вељанова смета дека при изборот на професијата младите луѓе треба да бидат многу внимателни, бидејќи, како што вели „за да работиш нешто за кое имаш стекнато образование треба да се имаш пронајдено себе си во таа сфера и да ја сметаш како неисцрплив извор на желба за истражување, континуирано надоградување и учење“

    Учествувала на ораторските вечери „Иво Пухан“ на Правниот факултет, каде што освоила второ место. Во 2015 година ја добила наградата 26 Јули која ја доделува Фондацијата Франк Манинг, а во 2017 година добила и признание од Ректоратот на УКИМ, како најдобро дипломиран студент со просечен успех од 10.00.

    За стипендијата од „Еуролинк“ вели секое признание како резултат на вреднување на личниот успех, колку и да е чест и задоволство, сепак, со себе носи голема тежина која според неа се мери со мерната единица одговорност.

    „За мене оваа награда претставува гордо завршување на поглавјето додипломски студии и одговорност во иднина да го зголемам интензитетот во поглед на посветеноста кон правото, во споредба со оној што сум го имала во текот на студиите.
    За разлика од останатите колеги, моите ангажмани започнаа порано од моментот на моето дипломирање. Во текот на додипломските студии кај мене се роди желбата да започнам со практична примена на правото, како да не можев да чекам нешто да заврши, туку секогаш сакав да почнам нешто што следи пред да го видам крајот на она што се случува во моментот“, вели таа.

    Неjзината прва практична примена на правото започнала во канцеларијата на извршителката Весна Деловска, а по дипломирањето три месеца работела во Шпаркасе Банка АД Македонија. Два месеца била и на пракса и во Основниот суд Скопје 2 Скопје.

    „Моите вистински големи чекори на интелектуално созревање ги направив откако станав приправник во Адвокатското друштво Поленак, каде што бев речиси две години пред да се вработам. Според мене, во тој период сметав дека сум дел од едно интелектуално семејство во кое научив вредности кои сега стануваат и мои карактерни особини.

    Во декември 2017 година се вработив во Ernst &Young Macedonia (EY Macedonia) како консултант. Навистина сум горда на себе што работам во светски претпознатлив и присутен бренд. Она по што се разликува друштвото во кое работам од останатите е принципите кои ги негува. Отсекогаш сакав правила, вредности, организиран начин на работа, поставени принципи кои се еднакво применливи за сите, почит, разбирање и вреднување на секој вработен. Сепак, сметам дека се уште сум премногу млада, имам многу пред себе и секојдневно учам од своите грешки и работам на себе. Она што сум денес е многу помалку од она што ќе бидам за неколку години“, рече Вељанова.

    Таа смета дека при изборот на професијата младите луѓе треба да бидат многу внимателни, бидејќи, како што вели „за да работиш нешто за кое имаш стекнато образование треба да се имаш пронајдено себе си во таа сфера и да ја сметаш како неисцрплив извор на желба за истражување, континуирано надоградување и учење“.

    На прашањето каде ја наоѓа стимулацијата да ја развива кариерата во Македонија, во состојба кога сѐ поголем е бројот на иселување на образовани кадри од Македонија, Вељанова вели: „Сметам дека среќен човек, секаде ќе си ја најде причината за да биде среќен, а исто и со стимулацијата. По природа не сум патриот за да кажам дека сум поврзана со татковината и дека тоа ме врзува за земјава. Најискрениот одговор на ова прашање е дека се пронајдов на местото на кое што тековно работам и навистина градењето на мојата кариера на долгорочен план го гледам тука, но тоа не значи дека со сигурност би останала тука локално, бидејќи мојата кариера во ЕУ не ја гледам преку локални граници“.

    На помладите колеги им препорачува континуирано да читаат не само задолжителна туку и дополнителна литература, со цел правилно да ги разберат институтите во правото, да знаат како тоа практично да се примени, што ќе доведе до тоа да се издвојат од другите и да остават впечаток дека се посветени и заинтересирани за она што ќе го работат во иднина.

    „ Секој од нас вложува онолку колку што смета дека е доволно според неговите субјективно одредени стандарди, за да се постигне она што е зацртано како цел, затоа ако сакате да ситгнете далеку, поставувајте ги целите повисоко од она што можете да го видите, а вложувајте доволно за да сте секогаш повисоко од она што се биле“, вели Вељанова.

    Од „Еуролинк осигурување“ велат дека за доделување на стипендијата потребно е студентите да имаат остварено просечен успех од положени испити од најмалку 8,5, да не се корисници на друга стипендија и да го задржат статусот редовен студент со просечен успех од 8,5 во учебната година кога ќе ја користат стипендијата.

    Од осигурителната компанија велат дека со овие стипендии сакаат да им помогнат на успешните студенти по право да си покријат дел од трошоците за студирање и да ги поттикнат успешно да го завршат факултетот.

    Доделувањето на стипендиите за студентите од Правниот е активност во рамките на програмата за општествена одговорност на компанијата: „Еуролинк – вашата врска со вистинските вредности“, преку која годишно се реализираат повеќе проекти од областа на образованието, културата и уметноста во Македонија. Стипендијата за студентите од првиот циклус е во висина од 40.000 денари, додека стипендијата за постдипломските студии е со висина од 60.000 денари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира