КУМАНОВО ДОБИ НОВА УЧИЛИШНА СПОРТСКА САЛА И СЕ НАДЕВА ДЕКА ЌЕ ДОБИЕ ПРВО НОВО УЧИЛИШТЕ ПО 30 ГОДИНИ

    КУМАНОВО ДОБИ НОВА УЧИЛИШНА СПОРТСКА САЛА И СЕ НАДЕВА ДЕКА ЌЕ ДОБИЕ ПРВО НОВО УЧИЛИШТЕ ПО 30 ГОДИНИЗа изградба на салата се потрошени околу 400.000 евра (Фото: СДК.МК)

    Средното училиште „Перо Наков“ во Куманово, кадешто наставата се изведува на албански јазик, доби спортска сала, што се наоѓа во кругот на поранешната касарна „Христијан Карпош“.

    Училишната сала е со површина од 650 метри квадратни, опремена е со сите реквизити и справи за мали спортови, кошарка, ракомет, мал фудбал и за одбојка. За изградба на салата потрошени се околу 400.000 евра, кои ги обезбеди Владата преку проектот за изградба на 145 училишни сали во државата.

    Mинистерот за образование Арбр Адеми, кој е од Куманово, истакна дека и во наредниот период ќе се инвестира во инфраструктурата на образованието, со цел да се подобри квалитетот на наставата.

    „Во најкраток рок, кога ќе се средат административните работи, ќе започнеме со изградба на уште една спортска сала, во средното училиште ‘Наце Буѓони‘ во Куманово“, кажа министерот Адеми.

    Градоначалникот Максим Димитриевски потсети дека државата последното училиште во Куманово го изградила во 1987 година, па се надева дека централната власт ќе реализира повеќе капитални објекти во наредниот период.

    Пуштањето на училишната сала се совпадна со одбележувањето на Денот на ослободување на Куманово-11 Ноември и со 499 години постоење на градот, па на свеченоста присуствуваа и министрите Оливер Спасовски, Бујар Османи и Садула Дураку, како и градоначалници и други гости.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира