АНА НАЈДОВА-ЛИЧНОВА Е ПРВАТА МАЈКА КОЈА ДОБРОВОЛНО СЕ ПРИЈАВИ ВО АРМ

    АНА НАЈДОВА-ЛИЧНОВА Е ПРВАТА МАЈКА КОЈА ДОБРОВОЛНО СЕ ПРИЈАВИ ВО АРМПовторно заедно по десетина дена разделба. - Ана Најдова-Личнова со ќерката Мила во велешката касарна (Фото: СДК.МК)

    Новата генерација војници-доброволци даде свечена заклетва во велешката касарна „Алексо Демниевски-Бауман“. Меѓу стотина нови војници беше и кавадарчанката Ана Најдова-Личнова, која е прва во 36-те генерации војници што се решила да служи воен рок доброволно, а воедно е и мајка. На свечениот чин присуствуваше и нејзината 3,5-годишна ќерка Мила. Возбудата што по десетина дена повторно ја гледа мајка си беше голема, и Мила силно ја гушкаше Ана.

    „Разделбата со ќерката беше тешка, но за да успеам во животот и поради неа и поради мене, ќе стиснеме заби. Што се однесува до војничкиот живот, во првите денови беше ново и тешко, но потоа се привикнав и станува навика, рутина. Планирам еден ден да бидам дел од професионалниот кадар на АРМ“, кажа Најдова-Личнова.

    Ана Најдова-Личнова била вработена во фабрика за автомобилски делови во Кавадарци и е завршен правен техничар. Ана е една од десетте жени меѓу 104-те војници-доброволци кои во касарната во Велес следните три месеци ќе бидат на обука. Во претходните генерации,  за 13 години, околу 5.200 доброволци отслужиле воен рок.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира