ПРВИОТ ПОШТЕНСКИ ПЕЧАТ ВО МАКЕДОНИЈА БИЛ УДРЕН ПРЕД 175 ГОДИНИ ВО ПОШТАТА ВО БИТОЛА

    ПРВИОТ ПОШТЕНСКИ ПЕЧАТ ВО МАКЕДОНИЈА БИЛ УДРЕН ПРЕД 175 ГОДИНИ ВО ПОШТАТА ВО БИТОЛАБранислав Светозаревиќ-Покорни 27 години го собирал материјалот за последната книга и во неа се обработени сите пошти и поштенски печати кои се користеле на просторот на денешна Македонија во периодот од 1843 до 2010 година (Фото: СДК.МК)

    Собирањето и проучувањето на поштенските печати е помалку познат дел од филателистиката, но тој исто така содржи многу интересни детали, но и важни документи за историјата на секоја држава.

    Историчарот и истражувач д-р Бранислав Светозаревиќ-Покорни е еден од ретките филателисти кај нас кој повеќе од четири децении активно работи на збогатувањето и откривањето на тајни на филателијата.

    Неговото последно научно дело „Поштенската историја на територијата од Република Македонија 1843-2010 година“ претставува досега најобемно и најцелосно преставување на поштенската историја на тлото на денешна Македонија. Овој обемен труд покрај веќе познатите детални донесува и нови сознанија кои ја збогатува историјата на Македонија.

    Првиот официјален поштенски печат бил ставен пред 175 години, во поштата во Битола кој тогаш била седиште на Битолскиот вилајет. Печатот е елипсовиден, напишан на старо турски јазик на кој пишува „Анџаби постал Монастир“, што значи „Пошта Битола“ (Фото: СДК.МК)

    „Секоја пошта во светот си има или си имала свој поштенски печат на кој, најчесто стоело името на местото, датумот и годината кога е користен печатот. Така е и кај нас. Од она што успеав да го добијам како материјал и по обемните истражувања и што е особено важно за нашата историографија е податокот дека првиот официјален поштенски печат бил ставен пред 175 години, односно во далечната 1843 година, во поштата во Битола кој тогаш била седиште на Битолскиот вилајет. Печатот е елипсовиден, напишан на старо турски јазик на кој пишува ‘Анџаби постал Монастир’, што значи ‘Пошта Битола’ а од левата и десната страна има гранчиња. Од овој период, до 1892 година, имам пронајдено уште три печати од поштата во Битола. Интересно е што Скопје својот прв поштенски печат го добил дури 6 години подоцна во 1849 година. Поштенските печати во Македонија во османлискиот период се од различен тип и по форма и по големина. Најпрвин печатите се само на старотурски јазик и писмо, во негатив, со или без датум или само со фиксна година“, вели Светозаревиќ.

    Според истражувањата на Џон Колс и Хјуард Волкер, на територијата на Македонија до крајот на 19 век, пошти имало во: Битола, Скопје, Блаце, Зелениково, Меџитлија, Магарево, Бограднци, Валандово, Велес, Ѓомел, Извор, Гостивар, Гевгелија, Миравци, Градско, Дебар, Делчево, Демир капија, Дојран, Кавадарци, Кичево, Кочани, Кратово, Злетово, Лесноово, Талашманџа, Крушево, Куманово, Крива Паланка, Неготини, Охрид, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Гопеш, Свети Николе, Струга, Струмица, Тетово и Штип.

    „Тоа е фасцинантно дури и за денешни услови“, вели историчарот.

    Историјата на поштите а со тоа и на поштенските печати е мошне слабо обработена материја, не само кај нас туку и во соседните земји. Таму најмногу пишани материјали на оваа тема можат да за периодите од војните како Балканските војни и Првата светска војна.

    Поштенската историја на територијата од Република Македонија 1843-2010 година“ претставува досега најобемно и најцелосно преставување на поштенската историја на тлото на денешна Македонија (Фото: СДК.МК)

    „Оваа моја најнова книга пред сѐ им е наменета за филателистите, истражувачите, историчарите, како и за оние луѓе на кои им е интересен овој дел од науката. Материјалот за оваа книга е собиран 27 години и во неа се обработени сите пошти и поштенски печати кои се користеле на просторот на денешна Македонија во периодот од 1843 до 2010 година. Ова е досега најобимен обработен материјал од овој вид, не само кај нас туку и во однос на соседните земји. При ова истражување пронајдов дури 555 пошти кои постоеле во градовите и селата на просторот на денешна Мкадеонија, при што во книгата, со фотографија и опис, се претставени 1.500 поштенски печати. Покрај поштите во градовите и селата, обработени се и амбулантните пошти кои во Македонија прв пат се појавуваат од 1892 година. Тоа се пошти кои се наоѓале во поштенските вагони каде се обработувала поштата додека патувал возот и на тие печати била напишана и релацијата на која се обраќал возот, на пример Битола-Скопје и слично. Во книгата исто така се обработени и воените печати, односно печатите од воените пошти. Покрај првите печати кои датираат од осмалискиот период, многу се ретки печатите кои биле ставани во селските општини каде немало пошта туку бил задолжен службеник од општината дастава печати на писмата печати. Вакви печати се користеле за време на Кралството Југославија и се многу ретки и досега се пронајдени само шеесетина вакви печати од кои 50 ги имам обработено во книгата. Исто така многу ретки се и поштенските печати со грешки бидејќи многу брзо биле повлечени. Таков еден печат е оној кој се користел после Втората светска војна и на кој наместо Јегуновце пишувало Јогуновце“, ни рече Бране Светозаревиќ.

    Собирањето поштенски печати воопшто не е лесна работа, а знае да биде и доста скапа.

    „До поштенските печати доаѓам на разни начини, најчесто тоа е по пат на размена со други филетелисти, дел ми се дадени како подарок од мои пријатели а дел и сум ги купил. Така пред петнаесетина години на една филателистичка аукција купив еден многу редок печат од 1911 година кој тогаш ме чинеше околу 280 евра. Сега неговата цена сигурно е многу поголема. Со издавањето на оваа книга мојата работа тука не завршува, сигурно има уште нови поменти, нови сознанија, нови и сеуште неоткриени поштенски печати кои треба да се пронајдат, обработат и секако и да се објават“ , додава тој.

    Светозаревиќ-Покорни преку 25 години се занимава со истражувачка работа од областа на историјата, архивистиката, музеологијата и културата. Досега издал 10 книги од кои дел се за филателијата, а има орагинизирано и неколку изложби на поштенски марки и разгледници од својата филателистичка збирка.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира