ВО ВЕЛЕШКИТЕ ГРАДИНКИ ЌЕ МОЖЕ ДА ИМА ПОВЕЌЕ ДЕЦА ОД ЗАКОНСКИТЕ СТАНДАРДИ

    ВО ВЕЛЕШКИТЕ ГРАДИНКИ ЌЕ МОЖЕ ДА ИМА ПОВЕЌЕ ДЕЦА ОД ЗАКОНСКИТЕ СТАНДАРДИВо велешките градинки моментално има 317 деца над капацитетот (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Велес со 11 гласови „за“ и осум воздржани го поддржа барањето на УО на Детските градинки „Димче Мирчев“ за поголем број деца над нормативите утврдени во Законот за заштита на децата.

    Според бројките на оваа институција, во шесте клона на Детската градинка „Димче Мирчев“ има згрижено 1.359 деца, иако капацитетот е 1.042. Тие се згрижени во 49 групи. Најголем број деца има во Kлон 2 кај Жаба зграда – 421, иако капацитетот е 260 деца.

    „Капацитетот на градинките е ист 30 години, немаме ниту еден нов објект во градот. Поради големиот интерес од родителите, принудени сме да формираме групи над стандардите. Тоа не значи дека со зголемувањето на бројот на деца во групите се доведуваат во прашање нивните безбедност и здравје. Во тие групи вработивме уште по еден воспитувач. Тоа се групи каде има одлив на деца поради заминување на семејствата во странство или во друг град или се испразнети од други причини“, кажа директорката Бранислава Нацева.

    Таа додаде дека Велес е на врвот во Македонија според прифатеноста на деца во градинките.

    „Треба да се внимава со бројноста на децата, оти во поголеми групи е потребно поголемо внимание за здравјето, одржувањето на хигиената и за воспитниот процес“, кажа д-р Флоретина Ристовска-Шурбевска, која изминатите десетина години беше директор на Центарот за Јавно здравје во Велес.

    Градоначалникот Аце Коцевски вели дека е добро што повеќе деца да има во градинките, бидејќи според светски стандарди, така се зголемувал коефициентот на знаење на децата од рана возраст, но тоа да не биде на сметка на квалитетот на услуги.

    „Доколку бројот на деца е преголем, подобро да не ги прифатат, отколку да ги прифатат, а да не се понуди соодветен квалитет на услуги. Не е добро да се претерува со бројот на прифатени деца“, кажа Коцевски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира