Основниот суд во Тетово го ослободи гинекологот Казимир Копривњак од обвинението дека е виновен за смртта на родилката Виолета Кировска, во настанот што се случи пред нешто повеќе од три години. Според судијата Садула Изаири, кој го водеше спорот, судот при донесувањето на ослободителната одлука ги уважил писмените и вербалните докази од три вештачења.
„Од изведените докази во текот на расправата, судот не најде дека обвинетиот Казимир Копривњак, како лекар специјалист-гинеколог, постапил несовесно при укажувањето на лекарска помош на пациентката Виолета Кироска“, стои, меѓу другото, во образложението на ослободителната пресуда.
Основното јавно обвинителство Тетово соопшти дека ќе ја обжали ослободителната пресуда.
„Обвинителството цени дека обвинетиот го сторил кривичното дело кое му се става на товар и дека доказите кои беа обезбедени од страна на обвинителството ги докажуваат наводите во обвинителниот акт“, соопшти Обвинителството.
Ваквиот исход на судската постапка, која се води повеќе од три години, предизвика незадоволство кај роднините на починатата Кировска.
„Никој не може да нѐ разубеди дека сѐ ова беше една голема лага и еден голем циркус, почнувајќи од изјавите на медицинските сестри, па до оние на сите вештаци. Ова е срам за човештвото, срам за здравството. Без разлика каква е пресудата, ние сме повеќе од убедени дека се работи за убиство“, изјави веднаш по изрекувањето на пресудата Славица Михајловска, мајка на починатата родилка.
На 18 август 2015 година во вечерните часови во Клиничката болница во Тетово, гинекологот Копривњак започнал царски рез врз Виолета Кировска, која и порано била негов пациент, а на која ова и бил втор царски рез. Во текот на интервенцијата, а посебно после неа, кај Кировска се јавило обилно крвавење. И покрај преземените мерки, во текот на ноќта таа западнала во хеморалгичен шок. Изутрината, таа била итно пренесена на скопските клиники, кадешто после седум дена починала. Не преживеало ниту нејзиното новородено дете. По овој настан, Обвинителството покрена обвинение против гинекологот Копривњак за тешки дела против здравјето на луѓето.
Роднините најавија дека ќе поднесат жалба на пресудата.
З. АНДОНОВ