Со веб апликација, што ја изработија победниците на ФинХакатонот, граѓаните ќе може да следат како се распределени буџетските средства, како тие се трошат и како се полни Буџетот на државата. Веб-платформат budget.finance.gov.mk беше презентирана денеска, а претставничката на тимот кој победи со оваа апликација Елена Андреева кажа дека оваа алатка треба да го направи буџетот разбирлив за сите.
„Апликацијата овозможува не само да се добијат бројки од Буџетот, туку истовремено има и објаснувања за самите ставки, како и споредби со изминатите години, со што се добива јасна слика за Буџетот“, рече Андреева.
За граѓанскиот буџет изработени се и едукативни видеа, кои го објаснуваа на едноставен начин.
„Она што е добро е што оваа апликација не се однесува само на еден граѓански буџет, туку е платформа на која и во иднина може да се поставуваат податоци од новите буџети“, рече Стефан Митески од тимот кој го изработи победничкото видео на ФинХакатонот.
Министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека со оваа апликација граѓаните ќе ги дели само еден клик до сите информации за приходите и расходите во буџетот.
„Граѓанскиот буџет на Македонија е убедливо најдобар не само во регионот, туку и пошироко. Тој дава јасен приказ на приходите и расходите во Буџетот, како и можност да се направи споредба низ времето колкави биле тие ставки. Има и јасен приказ колкав удел имаат одделните расходи во Буџетот. На овој начин граѓаните добиваат информација на што се наменети државните пари, а со тоа имаат и поголема контрола врз нивното трошење“, рече Тевдовски.
Е. БОЧВАРОСКА