Напролет во скопската Зоолошка градина ќе стигнат нови животни, фламинга и зебри. Фламингата ќе бидат донација од Зоолошката градина во Келн, а зебрите од градината во чешкиот град Либерец.
„Веќе е договорено Зоолошката градина да добие за прв пат фламинга, како и две зебри. Наскоро ќе почнеме со изградба на живеалиштата, кои до март треба да бидат готови. Во преговори сме со неколку Зоолошки градинки, догодина во Скопје да стигнат и пингвини“, вели директорот на Зоолошката градина, Ѓорѓи Галетановски.
За изградба на живеалиштата за зебрите и фламингата Град Скопје зема кредит од Светска банка во висина од 10 милиони денари.
Во септември Зоолошката градина после 26 години повторно доби слонови. Слониците Дуња и Даела стигнаа од Белгија, а за нив беше изградено ново живеалиште. Дуња има 49 години и е најголема азиска слоница, а Даела е африканска шумска слоница која има 30 години.
Во Зоолошката градина од почетоков на ноември почна акција за чистење на базените во живеалиштата. Директорот Галетановски потпиша меморандум за соработка со затворот Шутка, со кој се предвидува затвореници да волонтираат и да им помагаат на вработените за чистење на градината.
А. АНТЕВСКА