Тенерифе го погоди најсилното невреме во последните 40 години, при што властите наредија затворање на туристички области, откако големи бранови оштетија домови и хотели.
Драматични снимки од невремето покажуваат десетина метри високи бранови како во Меса дел Мар, популарно место меѓу британските туристи, удираат во згради до нивото на трет спрат.
Десетици локални жители и туристи се евакуирани, а повеќе од десет ресторани, барови и продавници се целосно уништени, јавуваат тамошни медиуми. Некои постари жители велат дека силината на невремето е дури поголема од она во 1987 година, кога имаше двајца загинати.
Градоначалникот Алваро Давила изјави дека во селото Меса дел Мар се евакуирани 65 домови, откако големи бранови урнаа тераси од згради. Нема информации дека некој е повреден.
Ова уследи откако локалните власти издадоа предупредување дека силно невреме би можело да ги погоди северот на Тенерифе и други делови на Канарските Острови.