Во Природонаучниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ во Струга, кој одбележува 90 години од формирањето, сочувани се 8.000 примероци ( од кои 6.000 се инсекти и пеперутки) изложени во природонаучната поставка. Многу од нив исчезнале по исушувањето на Струшкото Блато.
Одбележувањето на 90-годишнината од постоењето на Музејот почнува денес, со историско-документаристичка изложба „Русите во Македонија“ во соработка со Државен архив на Република Македонија.
„Во 1928, рускиот емигрант, воен доктор, еден од протераните белогардејци д-р Никола Незлобински, заедно со сопругата Софија и тим од соработници е упатен во Струга, за да му помогне на населението да се справи со маларијата, болест која зазема епидемични размери во овој регион. Покрај големиот придонес за подобрувањето на здравјето на населението, но и подобрувањето на животните услови со дренирањето на Струшкото Блато, д-р Незлобински во нашата јавност ќе остане запаметен по оставнината на импресивна збирка, која сведочи за богатството и разновидноста на живиот свет во и околу регионот на Охридското Езеро. Во 1938, д-р Незлобински повел иницијатива за отварање засебна зграда каде ќе бидат изложени препарирани животни присутни во ова поднебје. Зградата со ангажман и на населението била завршена следната година. Со ова, д-р Незлобински ги поставува основите на првиот природонаучен тематски музеј и воопшто темелите на музеологијата во Македонија”, велат од Музејот.
Моментално во Музејот, покрај биолошкото одделение, функционираат и археолошко одделение, одделение за етнологија, одделение за историја и одделение за историја на уметност.
Д. ЧУБРИЌ