ПОГРЕШЕН ПЕРОН

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:63:"ДалисамоСДСМќепатувазаЕвропа?

    1. Во исто време додека генералниот директор на УНЕСКО, Федерико Мајор во зградата на Владата на Македонија му се восхитуваше на народот што е способен да живее заедно на мирен начин, претставниците на народот во Собранието на Македонија со зборови го демонстрираа тоа заедништво. “Вие ќе ја напаѓате полицијата, ние ќе ја браниме и така среќни и весели ќе ги дочекаме следните избори заедно”,беше мотото на расправата за деветојулските настани во Гостивар.
    Зошто тогаш ѝ се лутиме на Елизабет Рен, кога таа јавно го кажува тоа што коалиционите партнери го прават тајно? Госпоѓата ја сфаќа потребата од интервенција на полицијата во Гостивар.Но, за  неа е важно тоа дека полицијата применила многу повеќе сила отколку што било потребно.
    Истото се случи и во македонскиот парламент. На пратениците не им текна што им претходеше на гостиварските нереди. Тие не се занимаваа со прашањето зошто полицијата интервенирала, туку зошто толку тепала. Елизабет Рен се чуди како можела јавноста да биде толку среќна кога гледала како полицијата интервенира, ама таа не беше тука да види како јавноста реагираше кога полицијата не интервенираше.  Се заборави дека Руфи Османи си направи свое царство, дека  Гостивар и Тетово воопшто не личеа на македонски градови, туку како да се среде Албанија, дека централната власт немаше контрола врз тој дел од територијата, дека за време на интервенцијата на симнувањето на странското знаме на полицијата се пукаше, се викаше “Бугари!”, се маваше со камења и се фрлаа молотови коктели. Од расправата во Собранието и од зборовите на Елизабет Рен излегува дека полицијата тепала туку-така, затоа што луѓето кои случајно се нашле на улиците низ Гостивар се Албанци!
    Зошто ние дома не можеме да ги видиме фотографиите и видеоснимките што со себе во светот ги понесе Елизабет Рен? За да не ни се намали радоста поради интервенцијата на полицијата? За да не се сетиме на честитките за успешно изведената акција од страна на премиерот Црвенковски и министерот Чокревски упатени до специјалците во спортската сала во Гостивар? Зошто е поважно во светот да отиде сликата за Македонците кои ги тепаат обесправените Албанци, отколку сликата за неколкумина полицајци  казнети затоа што ги пречекориле своите овластувања во интервенција за заштита на уставниот поредок,  напротив уривачи на државата?

    2. Според најавите од Министерството за надворешни работи, Владата в понеделник ќе расправа за нашата стратегија за поблиски односи со Европската унија, се до целосно интегрирање со неа. Брзо и ненајевено. Со години ни зборуваат дека политиката на Македонија е европската опција, ама дури сега, кога Унијата отворено ни покажа дека не нé смета за сериозни партнери за разговор, дури ни колку Бугарија, до таму некаде 2010 година, некому му текна дека ние воопшто и не сме имале стратегија за односите со ЕУ. Тоа ти доаѓа исто како да си купил билет за возот кој штотуку ја напушта станицата, а тебе ти останува само да им мафнеш на патниците од последните вагони, да седнеш на клупата на перонот и да чекаш некој друг воз за кој ниту има најава на тргнување, ниту пак ти резервиран билет.
    Останува само дилемата дали владејачката СДСМ има намера сама да оди за Европа, или пак ќе ги води и другите со себе. Читаме дека сите партии на Албанците, без разлика на идеологија, раскарани лидери и од три држави се обединуваат за да прават национална сеалбанска стратегија. Сé уште ни се свежи сеќавањата, кога пред секоја позначајна средба на која стануваше збор за проблемот со името Македонија, грчките партии правеа заедничка стратегија и се обединуваа по тоа прашање со консензус.
    Кај нас е специфична ситуација. Владата е премногу умна и има толку многу знаење, што дополнително знаење и ум само ќе ѝ пречи во работата.  Ако СДСМ викне на разговор некого од опозицијата за да се консултира како да се направи една таква значајна работа како што е стратегијата за односите со ЕУ,  нема да има лице на народот да му се прикажува како државотворна партија.  А и опозицијата подобро да не ја канат. Зошто тие да му кажуваат на СДСМ што да прави, па тој после да се кити со туѓи перја.
    …И така, додека пред влезот на железничката станица се караат кој да брцне в џеб и да извади пари за билет, возот отиде.  А ние чекаме на перонот.  Џабе. Сме застанале пред колосек на кој минуваат експересни возови.  А тие на вакви запуштени станици не запираат и не собираат нови патници.

    3. Дијалог од едно скопско кафуле:
    – Ме нервира овој Пенов.
    – Зошто?
    – Затоа што сите го фалат.
    – Па добро де, гледаш дека го раскопа цел град, го осветли Калето, ги средува улиците.. .
    – А што му е друга работа?
    Научени на градоначалници што водат голема политика, даваат “државнички” изјави, ги има во секоја втора афера низ градот,  скопјани како да го изместија нормалното од ненормалното и сега се чудат затоа што Ристо Пенов ги асфалтира улиците. Навистина,  што друго да работи Пенов?
    Му останува уште да ја продолжи караницата со Владата, затоа што сега на Скопје сакаат да им ги земат јавните претпријатија за водовод и депонијата “Дрисла”.  Така што девојката од кафулето не е единствената што ја нервира скопскиот градоначалник.  Да си го избереа скопјани за градоначалник Јовица Угриновски или барем да беа директорите на “Водовод” и “Дрисла” членови на Централниот одбор на СДСМ, можеби Владата немаше да сака да им ги земе јавните претпријатија.
    Само, што ќе се случи ако по неколку години градоначалникот на Скопје биде од СДСМ, а премиерот од ЛДП? Дали тогаш “Рашче” и “Дрисла” ќе му бидат повторно потребни на градот?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира