На денешното рочиште за организираниот напад во Собранието на 27 април лани, каде за терористичко загрозување на уставниот поредок се обвинети 33 лица, сведочеше колешка на обвинетата Елена Доцевска-Божиновска, како нејзин сведок.
Сведокот Светлана Наумовска кажа дека на 27 април дека Доцевска-Божиновска ги смирувала, дека таа е најпрофесионалниот колега и надреден и дека секогаш постапувала и постапува според уставот и законот. Сведокот кажа дека таа и приватно е најчовечната личност што таа ја запознала. На ова, обвинителката Рускоска го праша сведокот:
„Дали од тоа човекољубие како што сведочевте, Доцевска-Божиновска ја повикуваше и насочуваше толпата“.
Сведокот одговори дека нејзината колешка не ја насочувала толпата во ниту еден момент.
Рускоска потоа на сведокот му рече како знаете дека не ја насочувала кога рековте дека сте влегле во канцеларијата, повишувајќи го тонот на гласот. Судијката Кацарска ја искара Рускоска: „Вилма не му викај на сведокот“ на што обвинителката одговори: „Не викам судија, може не слуша добро“.
Кацарска потоа ѝ рече на Рускоска дека обвинетите и нивните бранители три пати покултурно и покоректно се однесуваат во судницата.
„Елена е суперхерој и супержена. Не заслужила ни грам навреда, поглед надолу или сомнеж. Нејзиното отсуство во Собрание фали колку цели два сектори да ги нема“, сведочеше низ солзи Наумовска.
Сведокот кажа дека откако толпата почнала да станува насилна, таа, Елена и уште двајца колеги кои биле дежурно влегле во кабинетот на Трајко Вељаноски, каде бил пратеникот Антонијо Милошоски и таму биле додека не биле евакуирани.
А. АНТЕВСКА